Македонија
(Видео) Мицкоски по средбата со Јанша: Економијата е девастирана, што е последица на неспособноста на Владата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски во рамките на својата регионална дипломатска иницијатива оствари средба со словенечкиот премиер Јанез Јанша.На средбата Мицкоски истакна дека Македонија се соочува со вето од Бугарија на патот кон Европската Унија, но и покрај оваа пречка како акутен проблем останува недодостигот на борба против криминалот и исклучителното високо ниво на корупција во земјава што прави државата да тоне на сите скали и рангирања коишто го мерат квалитетот на живот, соопшти партијата.
Тој на средбата размени искуства поврзани со економијата, при што Мицкоски напомена дека рецесијата во која се наоѓа македонската економија резултираше со раст на невработеноста, додека пакетите на помош за економиката не ги дадоа потребните резултати зошто тие освен за гола промоција беа наменети за приземен поткуп без ефект и помош за стопанството. „Економијата е девастирана, што е директна последица на неспособноста на владата, граѓаните немаат време за чекање“, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со Јанша зборуваше и за здравствената ковид-криза како сериозна закана за сите земји во светот, како и механизмите за нејзино надминување. Словенија има сериозен план за вакцинирање на населението од дури 70 проценти до почеток на летото, би сакал и македонската влада да ги следи ваквите позитивни примери, истакна Мицкоски. Тој на средбата побара поддршка од словенечкиот премиер на патот кон Европската Унија, особено што Словенија е државата која е идниот претседавач со Унијата. Премиерот Јанша изрази поддршка на Македонија и нејзините евроинтеграции, како и поддршка за дополнително развивање на сестринските односи со ВМРО-ДПМНЕ, како дел од семејството на Европската народна партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.
Македонија
Камион излета од магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка, сообраќајот во прекин

Од 17:10 часот магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка кај место викано Самоков е во прекин за сите возила во двата правци поради собраќајна незгода. Товарно моторно возило излетало од патот и на самиот пат има расврлани метални предмети кои ги превезувало, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
„Граѓаните да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши“: Тошковски во посета на Отсекот за оружје – Скопје и ОВР Гевгелија

Во рамки на денешните активности, министерот за внатрешни работи, заедно со дел од раководството на Министерството, оствари посета на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи – Скопје и на ОВР Гевгелија, при што одблиску изврши увид во тековното работење.
Посебно беше истакнато дека граѓаните од скопскиот регион, во споредба со останатите делови од државата, нешто подолго чекаат за издавање на одобренија и дозволи за оружје. Но, благодарение на соработката со судската власт, од денес е овозможена и електронска проверка во прекршочната евиденција на судовите. До вработените се дадени насоки во најкраток рок, хронолошки, да ги завршат сите преостанати проверки за лицата и да ги известат граѓаните за текот на постапките.
„Како резултат на макотрпната работа во изминатиот период, само оваа година низ државата се разгледани речиси 8.000 предмети – и од заостанатите од изминатите години и од новопристигнатите електронски барања. За споредба, она што е реализирано досега во 2025 година е четири пати повеќе од годишниот просек до 2023 година. Со новиот начин на работа се искоренува корупцијата во оваа област, која за жал беше многу изразена. Во таа насока, министерот апелира до сите граѓани да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши.“, потенцираше министерот Тошковски.
Во претстојниот период ќе се работи на надградба на дигиталната апликација, со што граѓаните ќе можат дел од доказите електронски да ги прикачат кон барањето, а единствено ќе биде потребно лично присуство само при подигнувањето на одобрението.
Министерот оствари работна посета и на ОВР Гевгелија, каде што со раководството разговараше за безбедносната состојба во регионот, кој е јужната порта на нашата земја и низ кој секое лето минуваат илјадници туристи.
Констатирано е дека безбедносната состојба е стабилна и дека во изминатиот период е забележано подобрување во речиси сите области на полициското работење.
„Цврсто верувам дека вистинската сила на полицијата лежи во партнерството, во блиската соработка со локалните структури и со самите граѓани. Само така можеме заеднички да обезбедиме мирна и безбедна средина за сите“, истакна министерот.