Македонија
(Видео) Мицкоски: Тоа што се разликуваме по етничка или верска припадност не нѐ прави поинакви по потребите и приоритетите

Треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на овој договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но сепак Рамковниот договор го донесе тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот, кажа премиерот Христијан Мицкоски на свечената седница по повод 23 години од потпишување на Охридскиот рамковен договор.
Од овој аспект мора да се разбере дека ова е заедничка татковина за сите, и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење на живот под еден ист кров, на права но и обврски и борба за подобар живот под исто небо. Тоа што сме различни по етничката можеби и по верска припадност нѐ не прави различни по потребите и приоритетите, а главна потреба на сите нас е подобриот живот. Имаме исти заеднички проблеми и затоа треба заеднички да нудиме решенија и да ги и да ги решаваме тие проблеми. Не можам да кажам дека сите придонесуваат можеби подеднакво во овој процес.
Но вистинското прашање е зошто тоа е така и кои се мотивите? Многу долго одредени политички елити Рамковниот договор, но и етничките права воопшто како такви ги користат како прекривка за прикривање на своите лични и најчесто лукративни интереси, но и фактот дека предолго и преинтензивно етничките теми се злоупотребуваат, се градат кариери во тоа име додека реалниот живот, животот на оние кои подеднакво го делат секојдневието како и сите останати граѓани е се потежок и се понесреќен. За одредени политички партии Рамковниот договор е најдобар и се спроведува само под услов кога истите тие се на власт, веднаш потоа откако ќе бидат опозициска смислуваат критики и креативни решенија на негово надополнување но и различно читање во правата и обврските кои произлегуваат од него. Притоа заборавајќи колку е скапа цената на тој договор и дека тој договор меѓу другото е напишан и со многу страдања и жртви од сите страни и во извесна мера тоа е и непочит кон тие жртви кои ги има, ќе повторам од сите страни“, кажа Мицкоски.
„Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав, но она што не е завршено и што мораме да се работиме тоа се реалните проблеми на нашите сограѓани. Јавноста не треба да паѓа во замката на нови и нови бесконечни етнички барања на партите кои сега се опозиција. Тие ја имаа својата шанса и времето го потрошија на лично богатење, и наместо да бидат посветени на борбата да победуваат за подобар живот на граѓаните, посилно образование, економија, повеќе пари за граѓаните, тие одлучија да градат за себе дворци, хациенди, да купуваат трговски центри, да злоупотребуваат сѐ што може да се злоупотреби.
Често пати ме прашуваат што е Христијан, за тебе патриотизам.
Патриотизам е кога ќе донесеме за еден месец три нови инвестиции, повеќе од половина милијарда евра за нашите сограѓани и тука нема етничка припадност ниту верска, ниту политичка. Патриотизам е кога ќе исплатиме повеќе од една милијарда денари од Буџетот заробени субвенции за нашите земјоделци. Патриотизам е кога ќе обезбедиме 350 милиони денари за оние вработени Национални шуми, во Водостопанство на Македонија пари за плати коишто изминативе четири месеци па и повеќе тие претходните коишто се денеска во опозиција заборавиле да им ги исплатат на овие луѓе. Патриотизам е кога ќе издвоите од Буџетот годишно 15 милијарди денари за инвестиции во инфраструктура во општините, и во сите општини.
И тука нема само општини ВМРО-ДПМНЕ, нема општини коишто се дел од Коалицијата Влен, туку тука има и општини каде што има градоначалници и од другите политички партии или пак има градоначалници кои што се независни, односно се избрани од група на граѓани. И кога ќе направите нов водовод ќе, ќе направите нова канализација, кога ќе асфалтирате улица, кога ќе реновирате, училиште, градинка, кога ќе ги намалите листите за чекање во тие општини“, рече премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родителите на жртвите од „Пулс“: Привремено се прекинуваат блокадите, маршевите продолжуваат секоја сабота

Семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани информираа дека по добивањето на датумот за почеток на судскиот процес, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но маршевите ќе продолжат секоја сабота – како симбол на нивната упорност и борба за вистината.
Претходно беше соопштено дека главната расправа за предметот е закажана за 19 ноември 2025 година.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество,“ се наведува во соопштението.
Родителите очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.
„Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија,“ додаваат тие.
Во изјавата се упатува и повик до јавноста, медиумите и институциите да го следат процесот со должно внимание, бидејќи, како што се наведува, „ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.“
Македонија
Царина и Централен регистар договорија е-размена на податоци за царински долг – хартиените потврди наскоро заминуваат во историјата

Царинската управа и Централниот регистар договорија дигитална размена на податоци за царински долг, со што хартиените потврди кои се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато.
Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, денеска официјално го потпишаа Договорот за соработка и размена на документи во електронска форма.
„Намалувањето на бирократските процедури и зголемувањето на ефикасноста на администрацијата преку поедноставување и забрзување на постапките е едно од нашите ветувања пред јавноста. Ова е само еден од чекорите кои ги преземаме во таа насока. Годишно досега се издаваа од седум до девет илјади потврди во хартиена форма, за што фирмите и граѓаните чекаа и по неколку дена. Во изминатите месеци, заедно со Централниот регистар интензивно работевме на дигитално поврзување на системите. Од почетокот на следниот месец, потврдите за царински долг Централниот регистар ќе ги добива автоматски, преку системот за интероперабилност – со само еден клик од Царинската управа “, вели директорот Бобан Николовски.
Николовски додава дека ова претставува уште еден важен чекор кон создавање подобра деловна клима и современи услови за водење бизнис.
Директорката на Централниот регистар, Стамнова, вели дека со овој начин на поврзување преку интероперабилност ќе се олеснат бизнис процедурите, а ќе се зголеми ефикасноста при обезбедување на неопходните документи при уписите на правните субјекти.
Македонија
Граѓанските организации алармираат: кога се штеди на превенција, последиците ги чувствуваат жените и ранливите групи

Граѓанските организации и институциите од здравствениот сектор отворија јавен дијалог за унапредување на пристапот до квалитетни превентивни здравствени услуги за жените, девојките и ранливите групи, на тематскиот форум „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“ одржан на 15.10.2025 година.
Главните заклучоци од дискусијата се дека неопходно е вклучување на граѓаните и граѓанските организации во планирањето и спроведувањето на превентивните програми, препознавање на граѓанските организации како даватели на превентивни здравствени услуги, потребно е зголемување на буџетите за превенција, како и зајакнување на свеста на граѓаните за нивното право на превентивна здравствена заштита.
На форумската дискусија граѓани и претставници на граѓански организации споделија лични сведоштва за пристапот до програмата за скрининг на рак на грлото на матката и до гинеколошки услуги во руралните средини, предизвиците на младите во сексуалното и репродуктивното здравје, искуства со Програмата за здравствена заштита на мајките и децата, како и состојбите со превенцијата од ХИВ. Форумот обезбеди двонасочна дискусија, на која учествуваа и претставници на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и СРЗ.
Настанот се одржа како дел од проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“, во чии рамки, во изминатиот период се изврши мониторинг анализа на четири програми за превентивна здравствена заштита.
КЛУЧНИ НАОДИ ОД АНАЛИЗИТЕ
Превенција од ХИВ – Во споредба со 2021 година, буџетот за превенција е намален за околу 70%, што резултира со 50% помал опфат. Здруженијата откриваат еден ХИВ случај на 150 теста, додека здравствените установи еден случај на 1150 теста, што укажува дека за рано откривање критични се заедниците и граѓанските организации.
Скрининг на рак на грлото на матката – Во 2023 година со скрининг биле опфатени само 10% од жените од целната возрасна група,што е далеку под потребните минумум 25% годишно. Недостигот од матични гинеколози е трајна бариера, особено во руралните средини.
Програма за мајки и деца – Укинати се клучни скрининзи (прееклампсија во бременост, слух кај новороденчиња),намалени се средствата за медикаментозен абортус, а услугите за најранливите се недоволно искористени (само 27 жени добиле бесплатна контрацепција и само еден бесплатен преглед за жртва на сексуално насилство во 2024 година).
Програма за партиципација (за бремените жени, родилки и доенчиња) –Дури 92% од Ромките не знаат дека имаат право на бесплатни прегледи за време на бременоста, а 80% платиле за услуги што им следуваат бесплатно. Министерството за здравство покрило партиципација за само 2.850 пораѓања од 16.061 живородени деца во 2024 година, оставајќи 82% непокриени од страна на државата.
Проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“ партнерски го спроведуваат Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Консолидиран сет на препораки ќе биде финализиран и споделен со Министерството за здравство, надлежните институции и јавноста. Овој процес произлегува директно од барањето и учеството на граѓанските организации на форумот „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“.
Мислењата кои се изразени во ова соопштение не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.