Македонија
Судењето за пожарот во „Пулс“ почнува на 19 ноември

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, почнува на 19 ноември во судницата во затворот „Идризово“, соопштија од Кривичниот суд.
„Како што претходно известивме, обвинителниот акт, поднесен првично од ОЈО Кочани, па со решение на јавниот обвинител на РСМ доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, аво согласност со АКМИС-системот распределен на понатамошно постапување кај судијката Дијана Груевска-Илиевска“, се наведува во соопштението.
Покрај судиите што се иззема од постапување пред оцена на обвинителниот акт, дополнителнио и судијките Тамара Витларова- Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска се изземаа од постапување по предметот поради лично познанство со дел од оштетените.
Како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува по предметот, во согласност со измените на годишниот распоред за постапување на судиите, ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа, односно 25.11.2025 година, 26.11.2025 година, 2.12.2025 година, 4.12.2025 година, 10.12.2025 година и 11.12.2025 година, а по почнувањето на расправата, ќе се усогласат и дополнителни термини.
Од судот информираат дека поканите до странките се веќе во фаза на достава.
Во пожарот во „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица, од кои и 6 малолетници, а 200 беа повредени. На обвинителна клупа ќе седнат 37 обвинети лица.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.
Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.