Македонија
(Видео) Мицкоски: Ќе се повлечам од политиката ако Филипче најде и еден мигрант, во спротивно да се извини јавно
„Граѓаните треба да знаат каква е состојбата, СДСМ нема тема, притисокот е голем за Венко Филипче однатре и однадвор да си замине и сега наеднаш пиар-тимот му вели – сега темата ќе бидат мигрантите, еве два таблоида во Велика Британија објавија и сега ајде на оваа тема да се закачиме и да ја туркаме мислејќи дека на тој начин политички ќе преживее и ќе собере луѓе околу себе“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски им порача на Венко Филипче, на Фрчкоски и на Жерновски дека е спремен да се повлече од политиката доколку најдат и еден мигрант во Македонија, во спротивно, како што рече, тој да се извини јавно.
„Две тези имаше денешната прес-конференција. Првата се мигрантите, а втората е недостигот во буџетот од 1 милијарда евра, околу 60 милијарди денари, и дека договорот со Велика Британија бил тие да ни ја покријат оваа дупка, а ние да прифатиме илегални мигранти. Приближно ова беше вака. Но ајде сега да видиме какви се суштината и вистината. Првин политички да му одговорам на раководството на СДСМ бидејќи спомна пролет, оставам простор до пролет Венко Филипче, заедно со професорот Фрчкоски, со Андреј Жерновски, да бара во Македонија и да најаде мигрант што е дел од овој договор со Велика Британија или каков било договор и ако најде еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно тие да ми се извинат мене, но и на граѓаните, што шират паника без потреба. Мислам дека е фер, еве ова јас го давам како понуда. И ова ќе важи бесконечно, додека сум јас претседател на Владата“, рече Мицкоски и додаде.
„Додека тие зборуваат за милијарди што недостигаат, веќе 10 милијарди во првите пет дена од декември влегоа во буџетот. И сега не се веќе 300 милијарди, туку се 310 милијарди денари приходи. Но, никој од нив не ја коментира расходната страна бидејќи и приходната и расходната страна на буџетот одат паралелно. Оние што следат економија, како и економистите, знаат за што зборувам. За да ви недостигаат во буџетот и да треба вие тој буџетски дефицит да го покриете, потребно е и расходите да бидат во согласност со планирањата. Нам расходите ни се помали, односно штедевме и во име на тоа се случува сето ова што јас денес го зборувам. И приходите и расходите се следат едни со други и на крајот, кога ќе ги споредите капиталните инвестиции и буџетскиот дефицит, тие горе-долу ќе бидат исти, што значи дека ние нема да се задолжиме за да го зголемиме долгот. Напротив, до крајот на годината тој долг ќе биде помал од оној што сме го имале. И еве втора работа ќе кажам, в година треба да вратиме нешто повеќе од 2,2 милијарди евра. Ќе ги вратиме сите пари што тие претходно ги украдоа, и за ‘Стабри“, и за марихуаните, и за ред други скандали што ги имаа во минатото. Се надевам дека сега новиот обвинител и ослободеното Обвинителство многу поефикасно и многу послободно ќе работат отколку овој октроираниот, кој, конечно, заминува, односно ќе замине од таму каде што е сега“.
Мицкоски посочи граѓаните да не се грижат бидејќи нема да има мигранти.
„На крајот да заклучам да не се грижат граѓаните, нема мигранти, буџетот е во одлична кондиција. Македонија е зад Данска, која има 3,9, заедно со Кипар со 3,8 проценти раст на БДП, инфлацијата е за 0,5 проценти помала на годишно ниво во споредба со минатата година и очекувам таа консолидација, односно смирување, да продолжи и во периодот што следува“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

