Македонија
(Видео) Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во изјава за медиуми, посочи дека единствени кои што се разочарани и незадоволни од неспроведувањето на реформите во правосудството, се само граѓаните.
Филипче нагласи дека премиерот Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството и неспороведувањето на потребните реформи.
„Сметам дека е апсолутно недозволиво премиерот да се однесува како независен аналитичар и да ги коментира само состојбите во правосудството, кога тој е директно одговорен за спроведување на реформите. Досега не се спроведени ниту една од предвидените реформи, преку носење на реформски закони во правосудството согласно Планот за раст, рече Филипче.
За оваа година беа предвидени 12 закони од коишто седум требаше да се донесат до јуни 2025 година, укажа тој.
„Во Собранието не е поднесен ниту еден, и дополнителни 5 кои од јуни до декември 2025 година требаше да се донесат согласно Планот за раст – нешто за што е врзан одреден буџет од Европската Унија, којшто секако веќе еден дел сме изгубиле. Од тие 5 закони од Министерството за правда не е донесен ниту еден“, рече Филипче.
Како што кажа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има огромно мнозинство во Собранието, 58 пратеници ВМРО-ДПМНЕ скоро двотретинско мнозинство со владејачката коалиција, поради што нема ниту една причина за тоа што сега се случува со неспроведување на реформите во правосудниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски од Струмица: По 7 години кочење, започнува доизградбата на стариот театар

По седум години кочење, започнува доизградбата на стариот театар во Струмица, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините, се сеќавате Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднесе тогаш проект, односно поднесе еден проект којшто не ги исполнуваше условите. Додека пак сега во вториот повик поднесе неколку проекти, улици генерално за асфалтирање и реконструкција и сите тие проекти беа одобрени од страна на Владата и ќе ги финансираме во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.
Како Влада, додаде тој, сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини.
Македонија
Утре променливо облачно и посвежо време со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер.
Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија

Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
„Блискиот Исток има древна и богата традиција на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Историјата покажа дека различноста кога се почитува, може да биде извор на културно збогатување и долгорочен мир. Но, исто така, историјата учи дека насилството, без оглед на неговото потекло, ги продлабочува поделбите, го продолжува човечкото страдање и ги оддалечува страните од праведно и сеопфатно решение. Убедени сме дека одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право“, рече претседателката.
Таа додаде дека непрокосновеноста на човечкиот живот и достоинство мора да се почитуваат, дури и за време на војна, во согласност со меѓународното хуманитарно право.
„Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори“, рече Сиљановска – Давкова.