Македонија
(Видео) Младеновска: Власта тера луксуз и тендери, а крати 3 милиони евра за болните од ретки болести
Додека власта се расфрла со луксуз, брои летови со владиниот авион, патувања на море и милионски тендери, крати пари каде што не смее.
Следни на удар на оваа забегана и корумпирана власт се болните од ретки болести, истакна Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Парите од програмата за ретки болести се скратени за 180 милиони денари, односно околу 3 милиони евра. Нема 3 милиони евра за пациентите, ама има за авион, за 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 74 за трета, има 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ и тендер преку пошта. Нема за плати, нема за земјоделци, нема за болни. И тоа додека бројот на пациенти со ретки болести расте, владата буџетот го намалува.
За Владата, како што рече, тоа можеби е само бројка во табела. Но, за пациентите, според неа, тоа е терапија што може да доцни, лек што може да недостига, третман што може да се прекине.
„Регистарот за ретки болести брои 1.093 пациенти. 240 од нив се деца до 14 години.
Ова не се бројки, туку тажни човечки судбини, дечиња, родители кои собирале пари, оделе од болница во болница, живееле во страв дали терапијата ќе стигне навреме.
За овие семејства секој ден е борба. За нив, здравјето не е политика – туку живот.
Кај ретките болести, доцнењето значи влошување, а понекогаш и неповратна штета“.
Како што оцени, со вакви кратења за 3 милиони евра, Владата директно ги доведува во ризик овие пациенти. Ова е неправда која мора веднаш да се исправи.
СДСМ, додаде таа, бара итно и неодложно зголемување на парите за програмата за ретки болести, најмалку на нивото од минатата година, со дополнителни средства согласно зголемениот број пациенти.
„Време е да се прекине луксузот на власта и да се поддржат најранливите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

