Македонија
(Видео) „Мора да ги ослободиме институциите од канџите на политиката и партијата“: Филипче предлага концепт за нов општествен и политички дијалог

После големата трагедија во Кочани, ја видовме реакцијата на граѓаните, револт на место и бес. Би рекол сосема оправдано, бидејќи тоа што во изминатите 3 децении се нарекува реформи, тоа што се нарекува транзиција, очигледно не го даде посакуваниот резултат, истакна на прес-конференција Венко Филипче, лидерот на СДСМ.
Тој оценува дека системот на многу места очигледно не фукционира како што треба.
Јавните сервиси, додаде, немаат перформанс каков што граѓаните заслужуваат.
„За тоа вина имаме сите политички партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, другите политички партии.
Слушајќи го овој аларм и барање на граѓаните, слушајќи го и алармот што го покренуваат и компаниите и бизнисите, потребно е да се направи еден систем, една нова форма на политички дијалог, би рекол и општествен дијалог во којшто ќе се вклучат сите политички патии и други чинители во општеството. Да се изготват стратешки документи, ќе се направи стратегија а врз основа на која државата ќе функционира во следните повеќе од една деценија, деценија и пол или две децении. Многу повеќе од мандатот на која било влада и било која парија или коалиција да ја води таа влада бидејќи очигледно е дека во одредени области мораме да знаеме на кад одиме“, кажа Филипче.
Спомна неколку области во коишто смета дека е многу битно да се направи таков пристап.
„Прво е образованието. Ние немаме веќе деца да ги губиме со тоа што ќе одат во странство. Треба да го зајакнеме тој систем. Сме се обиделе и ние, се обидел и ВМРО-ДПМНЕ очигледно нема посакувани резултати. Понатаму здравството. Не може само да посакуваме да бидеме здрави, тоа навистина го заслужуваме да го имаме. Тој јавен сервис мораме да го подобриме и здравството и образованието треба да ги тргнеме од дневно политичките пресметки, надмудрувања, математики и тоа да биде навистина стратешки интерес на државата. Понатаму правосудното, неминовно е да се донесе реформската агенда во што пократок рок. Реформските закони во одреден систем во којшто ќе се постигне широк консензус не само политички туки и други фактори од делот на правосудството на коишто ова навистина им е експертиза“.
Според него граѓаните заслужуваат да живеат во чиста животна средина, Македонија има огромни природни богатства и мора да најдеме начин да ги заштитиме и да ја исчистиме животната средина.
И последната работа, или како што рече, тоа што граѓаните најмногу ги иритира, е партизацијата и политизацијата.
„Мора да ги ослободиме институциите од канџите на политиката и партијата за да младите луѓе имаат навистина добар, компетитивен мерит систем и на тој начин да се вработуваат и напредуваат поради тоа што само на тој начин можеме експертизата да ја издигнеме на соодветно и заслужено ниво“.
Според него, добро е на овие теми да седнат лидерите на сите партии.
„Може за почеток на парламентарните партии. Ги видов реакциите, го видов и одговорот на премиерот и би му го образложил овој план и подетално на средба во следните денови.
Се надевам дека после тоа, врз основа на ова што сега го образложив ќе се приклучат и другите политички партии и сметам дека е крајно време, премногу време е поминато за ние да зборуваме дека нешто треба да се промени и видовме како трагедијата во Кочани на површина извади многу системски пропусти и мислам дека е крајно време сите да седнеме и заедно да работиме за доброто на државата“, потенцира Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Tрајко Славески е предлогот на Сиљановска-Давкова за гувернер на Народна банка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка.
Од нејзиниот кабинет велат дека при носењето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
Се додава и дека изборот бил тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати.
Трајко Славески е актуелен претседавач со Советот на Град Скопје.
Македонија
Реновирани спортските капацитети на полициското одморалиште во Пониква

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, денеска во одморалиштето на МВР во Пониква ги пуштија во употреба реновираните спортски капацитети наменети за вежбовни активности на полициските службеници.
„Со министерството за спорт неодамна потпишавме Меморандум за соработка со кој ќе ги надградиме, реновираме и унапредиме поголемиот дел од спортските капацитети на министерството за внатрешни работи. Вложувањето во капацитетите на кои се обучуваат полициските службеници е влог во стабилноста и безбедноста на државата.
Во рок од месец дена беше поставена основа за фудбалско игралиште и фитнес зона со монтирање на сите реквизити. Игралиштата за фудбал, кошарка и одбојка се опремија со полипропиленски подови, обележени и со нови реквизити. Истите добија и трибини од по 2 реда за следење на натпреварите. Покажуваме дека преку добро планирање и соработка помеѓу институциите, јасна визија и одлучност, може да се изградат услови кои ги задоволуваат современите полициски потреби“, истакна министерот Тошковски.
Во меѓувреме преку оваа соработка на двете министерства се работи на реновирање на спортските капацитети на Центарот за обука на МВР во Идризово каде се создаваат и унапредуваат сите полициски човечки капацитети.
Македонија
Со шесте милијарди евра за Македонија ќе се градат брза пруга, болници, студентски дом – Николоски од Лондон со детали за договорот

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој ја предводи официјалната делегација на Македонија во Обединетото Кралство, оствари средба со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање на Обединетото Кралство – УКЕФ, на која што беше разговарано за деталите околу средствата што и се ставаат на располагање на Македонија за реализација на инфраструктурни проекти.
„Се работи за 5 милијарди фунти кои што се ставаат на располагање на Македонија, нешто што беше потврдено од страна на УКЕФ и можам со задоволство да кажам дека овие 5 милијарди фунти односно 6 милијарди евра после овој состанок дефинитивно се ставени на располагање на Македонија. Истите можат да се користат за проектно финансирање, тоа значи дека се врзани за проекти што значи дека ќе носат додадена вредност на Македонија. Тоа се проекти во делот на транспортот, здравството, образованието, во делот на енергетиката и животната средина“, рече Николоски.
Додаде дека се разговарало за три сета на проекти, едниот е брзата пруга на коридор 10 од Табановце до Гевгелија, вториот е изградба и реконструкција на болници во Кичево, Тетово и Штип и третиот е изградба на медициски факултет заедно со студенски дом во Штип.
Тој рече и дека после потпишувањето на договроот Влада со Влада утре и ратификацијата на истиот во Собранието, ќе започнат со официјални разговори во однос на начините на финансирање и реализација на овие проекти.
Со Николоски во Лондон е и потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, утре ќе им се придружи и министерката за образование Весна Јаневска, а со него е и директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, членови на кабинетот.
Николоски ќе се сретне и со министерот за внатрешни работи на Велика Британија, министерот за одбрана, а утре со минстерот за економија и извоз заедно ќе го потпишат Договорот Влада со Влада.
Договорот ќе оди на ратификација во Собранието, а во Велика Британија го усвојува Владата.