Македонија
(Видео) МТСП: Лицата со попреченост заслужуваат подеднакви можности за развој како сите граѓани во државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ го посетија Дневниот центар „ЕДУ Практика“ во Општина Струмица.
Премиерот Ковачевски информираше за бројот на центри за лица со попреченост во државата, тој посочи дека моментално има 35 државни дневни центри и 8 дневни центри во кои работат лиценцирани даватели на социјални услуги. Премиерот се осврна и на процесот на деинституционализација во државата како дел од заложбите за инклузија на оваа Влада.
„Уште во 2017 година, го почнавме процесот на деинституционализација, државата вложи големи средства за отворање на нови мали групни домови. Со тоа овозможивме 24 часовна поддршка за лицата со попреченост, и можност да растат и да се развиваат во хумани услови. Донесовме нов закон за социјална заштита на лицата со попреченост, со кој им овозможивме на овие наши граѓани да добиваат нови социјални услуги како поддршка за развојот во процесот на социјална инклузија во заедницата каде живеат. Владата која ја предводам, креира системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Изградивме систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории на граѓани. Обезбедивме средства за редовна исплата на правата од социјална и детска заштита и дополнителна финансиска поддршка“, рече Ковачевски.
Тренчевска во своето обраќање потенцираше дека центарот „ЕДУ Практика“ е дел од социјалната реформа која ја донесе Владата во 2019та година.
„Дневениот центар „ЕДУ Практика“ во кој сме денес е токму дел на социјалната реформа. Сакам да потенцирам дека преку Проектот се овозможени различни видови на услуги, како што се помош и нега во домот, услуги за активно стареење, услуги за престој на лица со попреченост со индивидуални третмани, услуги за рехабилитација и ресоцијализација и лична асистенција, преку кои на повеќе од 1200 корисници им е значително подобрен квалитетот на живот.
Центарот за дневен престој на деца со попреченост со индивидуален третман е трет ваков во државата кој обезбедува поддршка на родителите на деца со попреченост и кој со своите активностите придонесува кон развој на децата. Toj е наменет за 44 деца со попреченост на возраст од 3 до 14 години.Ова е прв центар кој ги спојува дневниот престој и индувидуалниот третман, а вклучувањето на двете услуги има повеќе аспектно позитивно влијание врз децата со попреченост“, изјави Тренчевска.
Министерката истакна дека пораките од родителите на децата кои се корисници на центарот се навистина охрабрувачки и дека секоја средба е исполнета со дискусија која го утврдува напредокот на децата во изминатите неколку месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.