Македонија
(Видео) Наумовска: Со новата концепција за основно образование ученикот сега e во прв план

Многу од досегашните образовни реформи придонесоа учениците да не бидат во центарот на образованието. Поважни беа електронските обврски на наставниците, кадровските решенија, „штанцањето“ на учебници низ чии содржини провејуваат многу грешки, застареност на содржините, несоодветност на јазикот и стереотипи кои мораше да ги надминуваме, истакна на денешната прес конференција Елизабета Наумовска, претседател на комисијата за образование на СДСМ.
„Во сите изминати реформи во образованието учениците беа ставани во втор план.Ветивме и веќе развиваме наш автентичен модел на квалитетно образование достапно на сите. Донесена e новата Концепција за основно образование, а интензивно се работи на реформи и во средното образование, особено акцент се става на средно стручно образование насочено во функција на потребите на пазарот на трудот“, нагласи Наумовска.
Според неа клучот на успехот е наставникот, а без професионални и мотивирани наставници нема квалитетно образование, смета Наумовска.
„Затоа во Концептот на основно образование осебно место има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови. Наставниците кои континуирано ќе учат и ќе се надградуваат ќе добиваат и повисоки надоместоци, ќе напредуваат во повисоки звања“, потенцира таа.
Истовремено нагласи дека македонскиот модел на примена на материјали за учење е комбиниран. За учениците од прво до трето одделение ќе се обезбедуваат хартиени учебници, имајќи предвид дека тоа е период во кој се стекнува однос кон книгата, додека за учениците од четврто и и сукцесицно во погорните одделенија се обезбедуваат дигитални учебници како прва опција, но доколку некој има потреба од печатен учебник, училиштето каде посетува настава ќе ги обезбеди, а учениците ќе ја имаат можноста и самостојно да печатат дел или цел учебник.
„Важно е дека материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик. Секој учебник ќе биде достапен во аудио формат на сите наставни јазици достапни за секој ученик, а за учениците со оштетен вид ќе се печатат учебници со Брајово писмо. Лектирите пак, ќе бидат достапни и понатаму само во печатена форма“, рече Наумовска.
Новите генерации растат во дигиталната ера на ИТ технологијата која е составен дел од животите на најголем дел од нив. Така што користењето на таа технологија за учење, стекнување на навики кај децата истата да ја користата за пребарување, истражување и учење е всушност многу голема придобивка и градење на добар однос со технологогјата и интернетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.