Македонија
(Видео) На Охрид му се заканува бришење од УНЕСКО, обвини Костадиновска-Стојчевска

На Охрид му се заканува бришење од УНЕСКО, поради Владата на ВМРО-ДПМНЕ, обвини Бисера Костадиновска-Стојчевска, пратеничка од СДСМ.
Според неа, очаен бил обидот од страна на министерот Љутков да се оправда за својата неспособност.
„Во периодот на претходната Влада предводена од СДСМ на Република Северна Македонија, покажавме силна посветеност кон заштитата на Охридското Езеро и неговото наследство, преземајќи низа клучни чекори кои беа препознаени од меѓународната заедница и УНЕСКО. Овие напори беа насочени кон системско решавање на проблемите и воспоставување трајни механизми за заштита“, рече таа.
За да се обезбеди цврста основа за оправување на доброто, додаде Костадиновска – Стојчевска, изработен е Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион.
„Овој план ја идентификуваше екстремната ранливост на доброто, основните причини за таквата ранливост како неусогласеност на регулативите и недостигот на имплементација на постоечките програми и присуството на активни закани“, рече таа.
„Министерството за култура, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство, изработи нов предлог на закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и нацрт Закон за заштита на културното наследство и Предлог Закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Овие законски рамки имаа за цел да ги зајакнат институционалните капацитети и третманот на наследството. Овие закони се повлечени“, рече пратеничката.
Таа рече дека дури и по цена на сопствениот политички рејтинг, градоначалникот од редовите на СДСМ Костадин Георгиевски влегол во бескомпромисна борба со отстранување на дивите платформи во Охридското Езеро.
„Но веќе по локалните избори 2021 година, воден од личниот интерес, негрижа и гол популизам, новоизбраниот градоначалник Пецаков дозволи обновување на овие платформи, дури и нивно проширување, што е во директна спротивност со препораките на УНЕСКО“, рече Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
55 ветерници ќе обезбедуваат струја за 100.000 домаќинства – започна изградбата на ветерниот парк кај Штип

Со поставување камен темелник денеска стартуваше изградбата на ветерен парк во близина на Штип, каде „Алканзар енерџи партнерс“, со инвестиција од 500 милони долари ќе изгради 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го означи почетокот на изградбата.
„После нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме, денеска добива завршница – завршница на првата фаза“, изјави Мицкоски на настанот.
Инвестицијата беше најавена вториот ден по изборот на Владата, а Мицкоски ја нарече „драјвер и модел како треба да се движиме понатаму“ во секторот на обновливи извори на енергија.
Премиерот нагласи дека минатата година била рекордна по странски директни инвестиции, достигнувајќи 1,255 милијарди евра. Како индикатори за економски напредок тој ги наведе растот на извозот на земјоделски производи за 57%, зголемување на бројот на туристи за 22% и индустриски раст од 9,4% во мај.
„Не може да имате силна економија без враќање на довербата кај инвеститорите. А довербата се враќа преку дисциплина и борба против криминал и корупција“, рече Мицкоски.
Тој се заблагодари на сите институции, општини и универзитетски кадар вклучени во проектот, нарекувајќи го ветерниот парк „целосно македонски производ – од проектирање до изведба“.
„Да ни е аирлија и да ни се множат уште многу вакви инвестиции“, порача премиерот на крајот од обраќањето.
Македонија
(Видео) Марков: Ваучери од 250 евра за 55 илјади студенти за електронски уреди

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, денеска најави дека 55 илјади студенти ќе добијат ваучери од 250 евра (15.300 денари) за набавка на лаптоп или таблет.
Средствата, во вкупен износ од 850 милиони денари, ќе бидат обезбедени од државниот буџет.
Марков изјави дека целта е да се намали дигиталната нееднаквост и да се инвестира во образованието. Ваучерите ќе бидат наменети за студентите до 29 години, а ќе се користат од следната учебна година. Средствата нема да се враќаат.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека Арсовска мисли дека се занимава со висока политика и им слугува на ДУИ и СДС, половина Скопје нема вода

Додека Данела Арсовска мисли дека се занимава со висока политика и им слугува на ДУИ и СДС, половина Скопје нема вода. Додека Арсовска не може да стане од скутот на ДУИ и СДС, ЈП „Водовод“ праќа соопштенија дека граѓаните треба да пијат помалку вода затоа што е лето и, најверојатно, сите пијат повеќе, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Жално е, додаваат од оваа партија, до кое дереџе Данела Арсовска го донесе градот.
„Веруваме дека на Арсовска ѝ е удобно во прегратките на ДУИ и СДС, каде што треба да одработува секакви работи, само не она што ѝ е работа, но доколку 4 години се занимаваше со водоводната мрежа и со нејзино обновување, не само што ќе немаше проблем со притисокот туку немаше да ги има и големите загуби што ги има сега.