Македонија
(Видео) „Не сакаат опозиција во министерствата за да не се види криминалот и корупцијата“, вели Димитријевиќ
Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ сака укинување на техничката влада за да ја скрие корупцијата и криминалот во институциите, рече генералниор секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ на денешната прес конференција.
„Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија“, истакна Димитријевиќ.
Тој нагласи дека антикорупцискиот тим на СДСМ веќе изнесе дел од скандалите, но дека вистинската состојба е многу посериозна.
„Антикорупцискиот тим на СДСМ изнесе само дел од работите и скандалите, можете само да замислите што сè се случува таму. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерствата. Тоа е главниот проблем“, рече Димитријевиќ.
Како пример тој го посочи скандалот со европските средства.
„Скандалот со ИПАРД 3 видовте, има и уапсен директор од ВМРО заради корупција и злоупотреба на европски пари. Можете да замислите што сè се случува во Министерството за земјоделство. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерството. Затоа не сакаат техничка влада“, посочи Димитријевиќ.
Димитријевиќ потсети и на сериозни финансиски злоупотреби, како 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 9 милиони евра тендери за трета и 1,2 милиони евра тендери во Пошта.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функционери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со коишто практично се укинува слободата на говорот на опозицијата. Заклучокот е едноставен – не се созреани условите за укинување на техничката влада поради криминалната власт. Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме. Заедно ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, рече Димитријевиќ на денешната прес конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.

Македонија
Ако СДС се сомнева за некаков вид на криминал или корупција нека се јават на нивните судии и обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС повторно растура пердуви во јавноста со цел да прикаже некаква поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со некакви фирми и да шири лаги и манипулации, велат од партијата на власт.
„Кога во нивно време, тендерите и набавките беа синоним за криминал и корупција, и по „дифолт’’ одеа кај фирмите на семејствата на Заев и Филипче, денес тоа повеќе не е така.
Сите тендери и јавни набавки кои се спроведуваат се законски, отчетни и транспарентни.
Ги прашуваме СДС, дали човек смее да има фирма/бизнис, да учествува на тендер/набавка и да биде член/симпатизер на политичка партија? Дополнително, дали има некаков вид на криминал или корупција во тендерите? Ако се сомневаат во нешто, нека се јават на нивните обвинители и судии, сигурни сме дека ќе им помогнат“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

