Македонија
(Видео) Николовски: Инспекторите добиваат поголеми надлежности, нема толеранција за прекршителите на протоколите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со членовите на Инпекцискиот совет, одржа прес-конференција за измените и дополнувањата на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, што ги усвои Собранието. Една е од клучните измени на овој заекон е со што сите инспекторати сега добиваат нови поголеми овластувања за постапување со прекршителите на здравствените ковид-протоколи.
„Конкретно, доколку на терен инспекткорите констатираат дека одредено правно лице ги прекршува здравствените протоколи, во истиот момент ќе му се изрече привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена, односно објектот на самото место ќе биде затворен. Апелирам ова да се сфати крајно сериозно, нема простор за компромис кога е во прашање јавното здравје!
Дополнително, според новите измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект – за микро, мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорен на правното лице, трговец поединец или физичко лице. Со ова сакаме да покажеме и правичност и праведност во однос на големината на субјектот и нивото на самата казна. Ако воопшто постоеше некој што се двоумеше и имаше недоверба во однос на тоа дали овие промени се потребни пред речиси еден месец, кога првпат ги претставивме пред јавноста, верувам дека сега со изгласувањето на законските измени и дополнувања мислењето е променето.
Бројките на заразени растат. Болничките капацитети се полнат, здравствениот систем е веќе оптоварен, а и инспекциските служби и сите оние што се стванеи во функција на заштита на здравјето на граѓаните. Ситуацијата е крајно сериозна“, изјави тој.
Според Николовски, нè напуштаат луѓе што до вчера биле здрави, веќе речиси и да нема некој што не чул за сосед, роднина, пријател, познајник, кој е заразен од коронавирусот. Вирусот е тука, посилен од кога било.
„Запрашајте се себеси дали сме и ние како општество и поединци посилни од кога било во борбата против него? Едноставно е – дистанца, маска, дезинфекција и миење раце. Од нас зависи! Од секој поединец. Зар да се доведуваме до несакани ситуации, а кои стопроцентно може да се избегнат? Мора да сфатиме дека само така со почитување на мерките и протоколите и само заеднички ќе успееме да се намали ширењето на вирусот и да ја надмине оваа здравствена криза, која силно притиска и врз економијата. Можеме подобро и, ве молам, секој пред себе да си вети дека може и мора подобро! Нема друга алтернатива на патот што води кон подобро. Ова е тој пат. Патот на одговорноста, патот на дисциплинираноста, патот на почитување на редот и следење на правилата. Ова се тешки времиња. А како што и нашите стари велат – јунаците на мака се познаваат. Да најдеме сила и да го дадеме најдоброто од нас. Помогни си себеси и воедно ќе им помогнеш на другите. И уште еднаш апелирам – почитувајте ги мерките и протколите, а толеранција за прекршителите нема да има!“, додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

