Македонија
(ВИДЕО) Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Постои опција осумте пратеници да гласаат за одземање на мандатот на Груевски
Јас не очекувам ВМРО-ДПМНЕ да изгуби повеќе пратеници, но оставам отворена можност поради заканите што ги добиваат, вели членот на Извршниот комитет на партијата, Игор Николов, според кого, иако пратениците негираат дека имаат притисоци, на тоа укажува целиот процес во Собранието на денот на гласањето за отворање на Уставот.
„Немаме докази за притисоци и закани кон нив, јас лично немам информација, но целата состојба и сето тоа што се случуваше наведува на чудно однесување во петокот кога седницата почна во 10 часот наутро и заврши во 10 вечерта. Тоа се индиции што наведуваат да донесеме одредена претпоставка“, вели Николов во интервју за „Макфакс“.
Николов ги охрабри осумте пратеници, кои сега се нова парламентарна група, да основаат нова партија доколку сметаат дека е потребно иако тој тврди дека тие нема да имаат поддршка од граѓаните. Според него, комуникација меѓу осумте пратеници и Централниот комитет има. Игор Николов вели дека постои и отворена опција осумте пратеници што гласаа за уставни промени да гласаат и за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.
„Не знам, не сум убеден, немам детали. Како да превидиме дали осумте пратеници ќе гласаат за одземање на мандатот на Груевски кога ден пред да гласаат за уставните промени велеа дека нема да гласаат. Како јас да ви гаранирам? Постои отворена опиција, не верувам дека тоа ќе се случи. Работата тера натаму“, вели Николов.
Во однос на исклучувањето на Тодоров и обвинувањата дека тој му дал на СДСМ база со податоци, сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, Николов вели дека не е убеден оти тоа Тодоров навистина го сторил, но додава дека одлуката е донесена врз основа на повеќе информации и податоци. Одлуката за исклучување на Мијалков, пак, била прифатена со посебно задоволство од членовите, но и од јавноста, тврди Николов. Тој не знае зошто партијата не повела постапка во ОЈО или надлежните органи против Мијалков и покрај тврдењата дека вршел притисок и поткуп на пратеници. Членот на ИК не е убеден дека Мијалков вршел поткуп, туку смета дека станува збор за влијание врз пратеници.
„На Централниот комитет се споделени докази во форма на СМС-пораки, во форма на сведоштва на членството. Немам информации за содржините на пораките, но тие се во правец да се поддржи процесот. Се согласувам со одлуката за исклучување на Мијалков и Тодоров од партијата. Одлуката била прифатена од членството со посебно задоволство и олеснување. Од тој ден, па наваму, добиваме пораки и потврди, олеснување од членови, но и од оние што не се членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја поздравуваат одлуката. Тоа се добива и од меѓународниот фактор. Со одлуката ВМРО-ДПМНЕ не направило никакво чудо“, тврди Николов.
На прашањето дали е демократски да се исклучат од партијата оние што имаат поинаков став, Николов одговори потврдно додавајќи дека членовите на Централниот комитет и општинските комитети ја носат конечната одлука. Според Николовски, ВМРО-ДПМНЕ не е изолирана од меѓународниот фактор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

