Македонија
(Видео) Николов: Штип ќе го направиме еколошки чист град со нови места за рекреација

Само заедно вклучени во процесите ќе постигнеме добри резултати, што е нагласено и во програмата со која од вас штипјани и штипјанки ја барам довербата, рече денеска во изјава за медиумите, Сашко Николов, кандидат за градоначалник на општина Штип од редовите на СДСМ.
Програмата „Во сигурни раце” нуди решенија за проблемите на граѓаните, за развој на градот, за еколошки чист град за што треба да придонесеме сите заедно, нагласи тој.
Рече дека борбата против загадувањето останува приоритет.
„За таа цел ќе се воведе нов режим на собирање на смет за што во функција ќе се стават пет нови специјални возила за собирање смет. Ќе се направи и селекција на отпадот, односно одвојување на пластика и стакло за што ќе се обезбедат контејнери на 30 нови локации во градот“, кажа Николов во своето обраќање.
„Штип заслужува да биде во сигурни раце со одговорна општина која ќе направи се за да придонесе за чист воздух. Покрај постоечките, ќе се постават дополнителни мерни станици кои ќе го мерат квалитетот на амбиенталниот воздух. Ќе се формира нова паркова површина во населба Сењак 3, ќе се изврши хортикултурно уредување на кеј на река Отиња на делница од градска црква до мост Ново село како и на паркови површини во с. Чардаклија и с.Караорман“, истакна Николов.
Најави изработка на проектна документација за мапирање и изведба на висински рекреативни патеки за пешаци и велосипедисти, како и за рекреативна пешачка патека за поврзување на населба Караорман и населба Баби.
„Се обврзувам во мојот мандат, Штип да продолжи да биде отворена, услужна општина, општина на еднакви граѓани, општина со родова рамноправност. Штип заслужува и Штип може! И знам дека со вашата доверба и натаму ќе остане во сигурни раце!“, изјави Сашко Николов, кандидатот за градоначалник на овој град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.