Македонија
(Видео) Николоски: Барам од Заев интервентен откуп и 10 милиони евра за лозарите
Денеска, во Собранието се одржа јавна расправа во врска со состојбата со откупот на грозјето по иницијатива на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. На расправата се обрати пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој побара интервентен откуп и 10 милиони евра за лозарите, како и тоа Заев да го исполни она што го ветил во 2016 година.
„Јас и во кампањата зборував дека зелената мафија царува во Македонија и таа ја јаде маката на македонските земјоделци, а кога почнуваше кампањата во јуни, беше тешко да се гледа како се откупува еден килограм краставици за пет денари, уште потажно е да се гледа овие денови како се откупува еден килограм грозје за еден и пол или два денара“, истакна Николоски.
Николовски објасни дека за земјоделецот да заработи 100-ина евра, треба да продаде меѓу три и четири и пол илјади килограми грозје, што е тажната вистина за македонските земјоделци.
Пратеникот Николовски го критикува премиерот Зоран Заев затоа што, како што вели, требало да се појави на јавната расправа затоа што тој својот мандат како носител на листа го побарал во Четвртата изборна единица, како и тоа дека својот легитимитет го влече од луѓето што се таму. Без разлика што Зоран Заев изгуби и во Кавадарци, и во Неготино, и во Демир Капија, и во Росоман и во Гевгелија, фер е да најде решение за овие луѓе затоа што премиерот ги претставува нив“, рече Николоски.
Тој, меѓу другото, прочита три јавни изјави од Зоран Заев, кои се однесуваат на откупот и на грижата за земјоделците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.

