Македонија
(Видео) Николоски: Власта уште еднаш докажа дека е во договор со криминалците во државата
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска во Неготино порача дека во Македонија владеењето на правото е на најниско ниво, дека криминална банда е на власт, која, како што рече, е во коалиција со одредени поранешни структури, кои приредија еден вистински циркус во изминатите денови.
„Циркус во којшто видовме дека нема П од правна држава и дека нема воопшто владеење на правото туку дека има едни мафијашки картелски договори во коишто треба да се избегне системот на владеење на правото, па прво заеднички се договорија бегалецот да избега од правдата за по тоа да ги испреговараат неговите услови и да го вратат назад за да одглумат пред јавноста дека успеале да го вратат назад, а во суштина реагираа на она што се вика притисок од јавност и од опозицијата. Но, видовме повторно дека се работи за политички договор од причина што ниедна правна процедура не беше испочитувана, од примање на решение до тоа дека видовме дека отиде дома, а не онаму каде што заслужуваат оние коишто се бегалци од правдата“ истакна Николоски.
Тој рече дека добивал повици од луѓе коишто ја имаат напуштено Македонија, а коишто му рекле дека ова е основната причина зошто ја напуштиле земјата.
„А тоа е дека нема владеење на правото и има криминална банда и криминална коалиција на власт, а, за жал, добивам и бројни повици и вчеравечер и утрово од луѓе коишто сакаат да ја напуштат Македонија од истата причина.
Би сакал да ги охрабрам и да ги повикам заедно да се избориме во оваа битка затоа што оваа генерација на ВМРО-ДПМНЕ е една чиста генерација, една генерација којашто е надвор од овие криминално-политички договори, којашто не е извалкана и којашто има јасна, детерминирана волја да расчисти со криминалот и корупција на највисоко ниво и оваа криминална коалиција што во моментот функционира во Македонија да оди онаму каде што ѝ е местото, а тоа е во затвор.
Доаѓаат подобри времиња за Македонија преку рушење на оваа власт, многу брзо и предвремени парламентарни избори. Затоа ги повикувам сите граѓани на Македонија да нè поддржат во оваа битка, да останат во Македонија и заеднички да ја направиме Македонија поубаво место за живеење и да ја направиме место во којашто ќе функционира правната држава“, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

