Македонија
(Видео) Нова песна на македонските ѕвезди за ставање крај на насилството врз жени и девојчиња

Во рамките на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња“, македонските поп-ѕвезди лансираа песна која ги обединува нашите гласови за ставање крај на насилството.
Секоја втора жена во земјата се има соочено со психолошко насилство од партнерот, секоја трета била жртва на сексуално вознемирување, а 14 отсто од жените се соочиле со физичко или сексуално насилство, покажува последното истражување за насилство врз жени, предводено од ОБСЕ. Последица на пандемијата е и порастот на случаите на домашно насилство, каде што најголем број од жртвите се жени.
„Не молчи, не трај, СТАВИ КРАЈ!“, е годинешното мото со кое Северна Македонија се приклучува на глобалната кампања „Обој го светот во портокалово за крај на насилството врз жени и девојчиња, сега!“
Во рамките на кампањата одекнуваат моќно гласовите на македонските поп-ѕвезди Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Светлана Јовановска, Џон Илија Апелгрин, Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи) и Бранко Николов („Фолтин“) во песната „Очи црни“, во аранжман на Џијан Емин и препев на Диме Поповски и Васија Поповска, со која тие сакаат да ги поканат сите мажи и жени да излезат и да пеат, да бараат, да кажат јасно, да кажат гласно – не молчи, не трај, СТАВИ КРАЈ!
Семејството на Обединетите нации, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ традиционално ги здружуваат силите за 16 дена активизам против родово-базирано насилство, кампања што има цел ставање крај на насилството врз жени и девојчиња и трае од 25 Ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жени и девојчиња, па сѐ до 10 Декември – Меѓународниот ден на човекови права.
На централниот настан во кампањата, кој се одржа на 2 декември во Филхармонијата, ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир истакна дека Северна Македонија како потписник на Истанбулската конвенција е посветена на постигнување на родовата еднаквост преку унапредување на правата на жените и превенирајќи ги сите форми на родово насилство. Овој јануари земјата постигна важен прогрес со усвојувањето на Законот за заштита од насилство врз жените, рече тој додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да биде поддршка во борбата на Северна Македонија кон родовата еднаквост. На настанот, Росана Дуџак, постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, посочи дека триесет години по основањето на иницијативата „16 дена против насилство“, време е свеста да ја трансформираме во акција, како и дека „насилството врз жените и девојчињата не е неизбежно. Може да се сопре! Мора да се сопре!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вечерва зградата на Владата свети во сино во знак за подигање на свеста за аутизмот

Вечерва зградата на Владата свети во сино, во знак на 2 април Светски ден за подигање на свеста за аутизмот. Ова на социјалните медиуми го објави премиерот на Македонија Димитар Ковачевски.
„Давам неизмерна поддршка и почит кон лицата со аутизам, нивните родители, семејства, пријатели, наставници, соученици. Како Влада се залагаме да обезбедиме системски решенија за грижа за децата и возрасните со аутизам. Не сме сите исти, ниту по физички изглед, ниту по карактер, но сите во оваа држава имаат исти права“, напиша Ковачевски.
Како што вели тој, да ги прифаќаме различностите, бидејќи секој е различен и посебен на свој начин.
Македонија
Од понеделник пороен дожд

УХМР соопшти дека во понеделник, под влијание на нов влажен и постуден бран, ќе има врнежи од дожд кои попладне на повеќе места ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.
Следните три дена, ќе преовладува студено и ветровито време со повремени локални врнежи, претежно во западните делови.
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Македонија
Левица: ДУП-от во Карпош ДПМНЕ го поддржа уште 2017 година

Со гласањето на Деталниот урбанистички план за блок ССЗ 01.10 кој се наоѓа во Злокуќани. се исправа неправдата која е нанесена на жителите во овој дел од општина Карпош, поголем дел Ромско население, поради тоа што со децении не е усвоен ДУП, а со самото тоа не може да управуваат со нивните имоти и да ги уживаат правата кои ги имаат останатите жители на Општина Карпош, велат од политичката партија Левица.
Со овој план, од партијата посочуваат дека конечно ќе може да се легализираат куќите во ова населено место.
Дополнително, со нивната легализација ќе може голем дел од домаќинствата да се инкорпорираат во јавниот комунален систем и да добијат квалитетна услуга, се вели во соопштението.
Од Левица потенцираат дека ова е еден од ретките ДУП-ови што нема елементи на бетонизација, а зачудени се од одлуката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која не го поддржа овој ДУП.
„Земајќи го во предвид ова како и придобивките за жителите на овој дел од Општина Карпош, за очекување беше истиот да го поддржат сите советнички групи. Изразуваме зачуденост од одлуката овој ДУП да не го поддржат советничката група на ДПМНЕ. Токму советничката група на оваа политичка партија во март 2017 година го изгласаа овој ДУП во оваа форма“, посочуваат од партијата.
Велат дека нивната хистерична реакција е веќе видена во Советот на Општина Карпош, особено по „замрсените“ односи меѓу лидерот на партијата Христијан Мицковски и градоначалникот Стевчо Јакимовски.
„Сакаме да напоменеме дека во овие политички игри ДПМНЕ ги вовлече и советничките од Независни кои без соодветно образложение гласаа против жителите на Злокуќани. Нападите кон локалниот огранок на Левица во Општина Карпош се за очекување и претставува прелсикување на политиката која ДПМНЕ ја води на централно ниво, па за секој нивни неуспех, за секое национално велепредавство криви се Левица, а не нивните функционери кои во Собранието на Република Македонија за многу штетни закони гласаа заедно со СДС и ДУИ“, истакнаа од Левица.