Македонија
(Видео) Обвинителката до манијакот: Не е доволно да се извиниш, да покажуваш полов орган – не смееш, побарај стручна помош
Обвинителката Лидија Раичевиќ, која го гонеше манијакот што се задоволуваше пред девојчиња пред влезови на згради и во автобуси, на рочиштето му се обрати директно на обвинетиот Сонер Арслан, но и до жртвите и до јавноста. Раичевиќ му порача на Арслан: „Најмногу ќе му се обратам на обвинетиот за она што ќе го кажам да го изнесе како тежина од оваа судница и го памети целиот свој живот“.
„Сведочиме за измени во Кривичниот законик, кои се радикални, кои бараат од нас како носители на овие функции еден сосема поинаков пристап. Пристап што ќе ги натера луѓето да се однесуваат во склад со моралот и сфаќањата за половна слобода. Но, јас ве прашувам како? Каде е изградена таа и дали она што Сонер денес го призна, вадењето на половиот орган на јавно место и задоволување на половите страсти, спаѓа во групата тешки полови повреди? Јас како обвинител сведочам секојдневно за полови дејства врз деца, за телесни повреди при вршење полови дејства, за едно сурово и недолично однесување во таа сфера. И при постапувањето на овој предмет се прашував која ми е задачата. А таа е следна: да им кажам на оштетените дека никој не смее пред нив да покажува полова манифестација и затоа се тука. Да им кажам дека ако очекувале дека ќе им биде дадена заштита од страна на државата – ова е начинот на кој го правиме тоа за да ве заштитиме. Но, не само вас. Туку преку процесот на ова судење да пуштиме порака дека секое вакво однесување ќе биде казнето“, порача Раичевиќ.
Обвинителката потоа додаде: „Но, најмногу од сè во овој процес поради кој сме тука е важна личноста на Сонер“.
„Тој немаше можност да се брани, таква е процедурата. Но, јавниот обвинител го сослуша. Преку записникот навлезе во неговата психолошка потреба да го прави тоа. Тој и пред обвинителот, а гледам и пред судот, се однесува во манир како со гласот така и со држење на телото и со изговорените зборови дека се кае, дека е спремен некому да му се извини. Ама тоа не е доволно. Сонер Арслан, на оваа територија и каде било, да покажуваш полов орган и на тој начин да задоволуваш сопствена сексуална желба не смее да се прави. И ако не ти е јасно зошто, тоа е затоа што немаш согласност од другата страна. Затоа што другиот не сака тоа да го гледа во тој момент. И ако постои дилема дали тоа е единствениот начин да се доживее сексуално задоволство, јас одговорно тврдам дека треба да се побара стручна помош. Зошто? Зашто во ера кога зборуваме за полови слободи, за какво било однесување, велам дека треба да се бара помош? Нели сè е доволно? Да, ама границата е во согласноста. И не толку поради етиката и моралот бидејќи и јас не сум сигурна кој ги гради етиката и моралот во половиот свет, но знам дека од какво било полово дејство никој не смее да биде исплашен, згрозен, посрамен. Поради признанието, не ги слушнавме оштетените како се чувствувале. Ама мојот влог е барем една сфера од животот да остане и да се гради во нешто што е добро и што им одговара на луѓето, а не патологија поради која денес се судиме. Кривично-правната заштита ќе ја дадете вие преку одлуката за казна и тоа се надевам дека ќе се одлучите за казна што кога Сонер Арслан ќе ја чуе, ќе направи сè што е можно своето однесување од овој момент да го промени, дека тоа ќе биде казна што оштетените ќе ја доживеат како праведна, а се разбира, и сите оние надвор што ќе чујат дека се судело за вакво кривично дело и дека за тоа се одговара, ќе се воздржат во иднина од правење такво нешто. Јас сум обвинител, меѓутоа си ја вршам својата функција како гарант за човековите права“, посочи Раичевиќ во судницата.
Обвинетиот Сонер Арслан призна вина пред судот. Процесот го суди судијката Љубинка Башевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

