Македонија
(Видео) Ограничување на градењето куќи, бришење на булеварот Крушевска Република и згради што ќе одат во висина место во ширина, се дел од барањата на градоначалниците за новиот ГУП

Големи се очекувањата на општините од новиот генерален урбанистички план (ГУП) за Скопје, кој, место усвоен и во сила веќе една година, сè уште е само во подготвителна фаза. Бришење на јужната обиколница, преиспитување на потребата од булеварот Крушевска Република, ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда, конкретни насоки како да се третираат земјиштата продадени со јавно наддавање, зелен појас покрај Вардар, а веднаш до него и градежен појас по целата должина на реката, зградите да одат во висина место во ширина и ред други барања веќе се подготвени и чекаат градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да ги побара.
Општините се изјаснуваат за делумно консултирани за новиот ГУП, но истовремено и целосно исклучени од подготовките за кои велат дека немаат ниту информација до каде се. Од десетте скопски општини што се во опфатот на ГУП, на прашањата за планот и соработката со Град Скопје за негова изработка одговорија само четири. Од општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Карпош сведочат дека со Град Скопје за ГУП имале средба летово, но се разговарало главно за новата урбанистичка блоковска поделба, а од тогаш нема нова активност ниту за подготовките за ГУП ниту за неговата изработка.
Кисела Вода бара ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда
Во Општина Кисела Вода се револтирани од доцнењето на ГУП. Сметаат дека доцнењето ќе има сериозни последици за секоја од скопските општини оти ги ограничува можностите за развој. Без нов ГУП, општините не може да ги применуваат стратегиите предвидени со развојната програма, што сметаат дека е чекор назад во уредувањето на просторот.
„Сметаме дека неработењето на Град Скопје е причина поради која нашата Општина нема никаква информација до каде е процесот, кој одамна требаше да биде завршен. Соработката со општините при донесувањето вакви клучни документи со децениска важност е од исклучителен интерес на нашите граѓани, а до овој момент од страна на Град Скопје воопшто не сме консултирани ни за нашите развојни програми, стратегии и цели. Како Општина сметаме дека сериозните проекти, како овој, бараат, пред сè, работа што треба да биде динамична, транспарентна и стручна. Наспроти тоа, за носење еден ваков документ има молк, никаква комуникација, што сериозно загрижува и наведува на размислување дали Град Скопје воопшто нешто сработил“, велат од Општина Кисела Вода.

За Кисела Вода молкот од Градот за ГУП наведува на размислување дали воопшто нешто е сработено; градоначалникот Орце Ѓорѓиевски
Барањата на Кисела Вода за новиот ГУП од Општината објаснуваат дека се содржани во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, каде што се сместени сериозни стратешки чекори за урбанистичкото планирање.
„Проекти што се навистина значајни се ограничувањето на бројот на станбени единици при градењето куќи со цел да се спречи изигрување на законот и градење згради на име А1 (домување), потоа проектот за подземно пробивање јужен булевар, секако неизоставен дел би било имплементирањето идејното решение за Расадник за кое веќе ни пристигнаа 5 решенија на распишаниот конкурс и сме во исчекување уште некое, кое би стигнало по пошта, бидејќи од досегашното искуство пратките од странство сериозно доцнат “, велат од Општина Кисела Вода.
Убедени се дека нивните барања за новиот ГУП се значајни и овозможуваат развој не само за Кисела Вода туку и за другите скопски општини.
Дислокација на загадувачката индустрија од населените места е меѓу главните барања за ГУП од Гази Баба
Насоките што Општина Гази Баба ќе ги даде за новиот ГУП се, пред сè, заштитата на животната средина, поголем процент на застапеност на зеленило во рамките на општината, нови спортски локации, можност за дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места на општината, можност за изградба на нова инфраструктура, современ јавен превоз, мапирање и предвидување нови бизнис и резиденцијални зони, како и предвидување нови индустриски и транспортни зони. Во Општината се загрижени што досега не ја виделе сообраќајната студија за новиот ГУП за да може да ги одредат приоритетите.

Во Гази Баба се загрижени што досега не ја виделе сообраќајната студија за новиот ГУП; градоначалникот Бобан Стефковски
„Сакаме да нагласиме дека ние целосно не сме запознаени со тоа каква ќе биде сообраќајната мрежа во нашата општина бидејќи таа се вцртува во новиот ГУП на Град Скопје со изработување сообраќајна студија. Од студијата понатаму ќе се увиди дали одредени градски сообраќајници треба да се намалат, односно зголемат во нивната проточност и дали одредени главни артерии во нашите населени места ќе претрпат измени или ќе останат исти“, велат од Гази Баба.
Во оваа Општина очекуваат ГУП да понуди нова сообраќајна мрежа, развој на комуналната мрежа, која ќе овозможи достојни услови за живеење на секое семејство, но очекуваат и дека со новиот план ќе има поголем прилив на даноци и надоместок од комуналии.
Булеварот Крушевска Република раздвојува историски маала, Центар бара да се преиспита потребата од него
Општина Центар со внимание ги следи постапките за новиот ГУП и прецизно посочува дека постапката за донесување на планот официјално не е почната оти не е одобрена планската програма од Советот на Скопје. Барањата за новиот ГУП им се стокмени.
„Во новиот генерален урбанистички план како Општина ќе побараме да се преиспитаат наменски употреби на земјиштето во дадени градски четврти (ГЧ И05 – Маџир Маало), да се преиспита потребата од булеварот Крушевска Република, кој разделува повеќе историски маала, ќе побараме поврзување на некои градски четврти, кои биле раздвоени со претходниот ГУП, а историски отсекогаш претставувале целини, ќе побараме дислокација на индустриските капацитети на територијата на општината, замрзнување за понатамошен развој на некои делови од територијата на општината и слично“, објаснуваат од Општина Центар.

Општина Центар од новиот ГУП очекува и методологија за намалување на жителството; градоначалникот Горан Герасимовски
Од новиот ГУП, покрај планови, Општина Центар очекува и конкретни, пропишани насоки како да се спроведат градските политики.
„Дали станува збор за намалување жителство, за ретрасирање постојни траси на сообраќајници или за третман на земјишта отуѓени со јавно наддавање, очекуваме конкретни методологии за справување со настанатите ситуации, а како сите градски општини би имале пропишани услови за еднакво постапување“, конкретно бараат од Општина Центар.
Иако постапката за новиот ГУП официјално не е почната, Агенцијата за планирање на просторот веќе имала средба со стручен тим од Општина Центар, на која биле информирани за документирање на постојната состојба на терен. Агенцијата ги консултирала и за можни превиди како најдобри познавачи на територијата на општината, а им биле најавени и дополнителни состаноци.
Јакимовски: Зградите треба да одат во висина, да се зафаќа небото за на земјата да остане повеќе простор за паркови
На градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за разлика од другите градоначалници, не му пречи доцнењето на новиот ГУП. Тој дури смета дека генералните планови не треба да се носат толку често и се залага важноста да им биде четвртина век.
„Не гледам што се менува во функционирањето на Општината или на локалната самоуправа со евентуално носење нов генерален урбанистички план. Генерални планови, прво, не се носат толку често. Тие треба да се носат на 25 години затоа што со промена на генерален план, ако го носите на 10-12 години, вие треба да ги усогласите постојните детаљни со новиот генерален план. За десет години, треба да направите, на пример, во Карпош 50 урбанистички плана. Таман сте стигнале да ги усогласите, тие носат нов генерален план. Тоа нема логика, како мачката кога си ја брка опашката е“, вели градоначалникот Јакимовски.

„Знаете кои се најчестите барања на граѓаните? Имот кај што е предвидено зеленило, тие бараат да биде домување“, вели градоначалникот Јакимовски
Неговиот став во однос на барањата што Општината ќе ги има за изработка на новиот ГУП вели дека зависат од барањата на граѓаните.
„Знаете кои се најчестите барања на граѓаните? Имот кај што е предвидено зеленило, тие бараат да биде домување. Сите бараме зеленило, ама кога ќе го имаме зеленилото, бараме да се претвори во домување, без разлика дали се работи за колективно или за индивидуално, вели градоначалникот Јакимовски.
Тој смета дека деловите покај кејот на Вардар треба да се редефинираат. Да има простор во ширина од 50 до 80 метри од брегот, кој ќе биде резервиран за паркови, а во другиот дел да се предвиди градежен појас и така да биде не само во Карпош туку и во другите општини низ кои минува Вардар.
„Тука гледаме едно двојство. Ако веќе ни е концепт дека покрај Вардар треба да има сериозно проветрување, треба да има паркови и слично, тој појас треба да се дефинира од Ѓорче Петров, од Сарај, до излезот на Скопје. А не како што сме сега, во Карпош тоа го има, а како еден стомак направено, тој дел го запазуваме, па потоа се стеснуваме во централното градско подрачје, па малку се прошируваме во делот на Аеродром и се гледа една неконзистентност“, забележува градоначалникот Јакимовски.
Новиот ГУП, според Јакимовски, треба да го уреди просторот зад Зајчев Рид, да го урбанизира Бардовци, да го заштити Водно како белодробни крила на Скопје, но сепак да не се избрише јужната обиколница, која треба да се гради на сметка на зеленилото.
Против бетонизацијата на Скопје, Јакимовски вели дека ќе се бори со нови згради, кои ќе одат во висина, ќе се зафаќа небото за на земјата да остане што е можно повеќе простор за паркови.
„Таа флоскула против бетонизација е сериозна флоскула. Напротив, јас се залагам за сериозно осмислување на она што треба да се гради и да се прави и мојата заложба е дека на површините не треба да се оди во ширина, туку треба да се оди во висина, да се зафаќа небото, а што е можно повеќе површини да остануваат за паркови и за други содржини, кои им се потребни на граѓаните“, вели градоначалникот Јакимовски.
Тој беше единствен кој се согласи пред камера, јавно, да ги каже неговите и ставовите на Општината за новиот ГУП.
Градоначалниците на другите шест општини, Аеродром, Бутел, Сарај, Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Чаир, исто како и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, молчат за новиот ГУП. „Макфакс“ веќе објави дека за да продолжи подготвителната фаза на ГУП, Комисијата за верификација во Советот на Скопје чека од градоначалничката да им образложи зошто распишала четири огласи за партиципативно тело, три од нив поништила и четвртиот побарала од нив да го поништат, а инсистираат и правната служба да им посочи кој е законскиот пат тие да поништат оглас што не го распишале.
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Со градинката Пролет поставивме нови стандарди за детска грижа во Центар

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека е пресреќен што во еден мандат, во рок од три години е отпочнат и завршен проектот за изградба на новата градинка во населбата Пролет, што е редок пример во државата.
„Ако разгледате и направите увид и истражување во поголем дел од општините, ќе видите дека многу споро оди делот на реализација на ваков тип на проекти. Искрено сум среќен што успеавме за три години да го реализираме проектот и да ја направиме најубавата и најмодерната градинка не во Скопје, туку и на територија на цела држава. Градинката Пролет е гордоста на родителите, со оваа изградба поставивме нов стандард за детска грижа во Центар“, вели Герасимовски.
Градинката Пролет згрижува 173 дечиња во 9 занимални, на површина од 3.276 метри квадратни. Нејзината изградба почна во 2022 година во мандатот на градоначалникот Герасимовски и истата е целосно финансирана од Општина Центар во висина околу три милиони евра, без задолжување.
Македонија
Уапсен убиецот кој вчера пукаше во Штип

Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено, информира ЈОРМ.
Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка.
Странски државјанин е убиен синоќа во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип. Во Клиничката болница во Штип тој е донесен без знаци на живот, со неколку прострелни рани. Лекарите пробувале да го реанимираат, но обидите биле несупешни.
Македонија
„Пукање во кафич во Штип додека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ туркаат закон за либерализација на трговијата со оружје“, велат од партијата Левица

„Вчерашните страшни сцени со пукање во кафич во центарот на Штип дополнително ја вознемири јавноста, додека премиерот Мицкоски и министерот Тошковски на партиски настани говорат дека народот никогаш не бил побезбеден. Можеби владејачката елита се чувствува безбедно на нивните скапи патувања, додека граѓаните стравуваат од престрелки на јавни места, каде има висока френквенција на родители со деца“, велат од партијата Левица.
„Премиерот Мицкоски додека дели благодарници на неговиот поранешен личен адвокат, а сега министер за внатрешни работи, Македонија колабира на безбедносно поле.
Партијата Левица обелоденува уште еден скандалозен чекор на екстремно неспособната владејачка гарнитура – имено, до Собранието е доставен предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје!
Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице.
Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки.
Додека министерот Тошковски молчи за тендерите доделени на фирмата „Дон Холдинг” и манипулира со фактите на интервјуа во провладини медиуми – власта сака да протне законски измени кои се директен напад по јавната безбедност!
Партијата Левица јавно го прашува премиерот Мицкоски, кој очигледно продолжува да го штити катастрофалното работење на министерот за внатрешни работи: Дали паралелно се формира нова компанија за трговија со оружје (блиска до власта) која најмногу ќе има корист од либерализацијата на продажбата?!
Ја повикуваме и експертската јавност да се одважи за најавените измени за трговијата со оружје, со цел да се спречи носење на уште еден штетен закон кој дополнително ќе ја загрози и онака кревката безбедност“, се наведува во соопштението на партијата Левица.