Македонија
(Видео) Османи – Логар: Словенија со поддршка за старт на преговорите до крајот на годината

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од денеска е во официјална посета на Република Словенија, на покана на министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар.
Покрај развојот и потенцијалите на билатералните односи, во разговорот доминираа темите поврзани со европската агенда на Северна Македонија, новата методологија, тековните дискусии за преговарачката рамка за земјата, како и за нашите очекувањата за одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава во рамки на германското претседателство со ЕУ.
„Да бидам искрен, нашите очекувања се високи. Сметам дека со право и ние и граѓаните очекуваме финализација на преговарачката рамка и одржување на Меѓувладината конференција за време на Германското претседателство со ЕУ, со што и формално ќе ги почнеме пристапните преговори за членство со Унијата до крајот на оваа година“, истакна Османи, упатувајќи притоа благодарност до колегата Логар за континуираната и безрезервна поддршка која Словенија ѝ ја пружа на Северна Македонија за нејзините европски амбиции.
„Ние сме свесни дека за оваа одлука, како и за многу наредни, ќе треба постојано да ја имаме поддршка од сите нашите пријатели внатре во ЕУ, вклучувајќи ги тука и нашите соседи Грција и Бугарија. Верувам дека по примерот и на другите земји кои пристапија во Унијата во последните две децении, како што е впрочем и Словенија, со позитивен пристап и отвореност ќе ги надминеме предизвиците и со нашите пријатели од Бугарија, и нема да дозволиме да биде загрозена европската перспектива на регионот“, истакна Османи, информирајќи го притоа министерот Логар за засилената активност на државата по ова прашање, изразена и преку неговата посета на официјална Софија, како и засилената активност на работата на Мешовитата комисија за историски прашања.
Министерот Логар ја реафирмираше силната поддршка на Словенија за нашите евроинтеграции и изјави дека организирањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годината со нашата земја ќе претставува единствен логичен исход и валоризација на сите реформски напори на Владата на Северна Македонија и на нејзината конструктивна политика во односите со соседите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.