Македонија
(Видео) Пендаровски во Тетово: Расветлувањето на ваквите случаи тест преку кој треба да потврдиме дали навистина ја заслужуваме независноста
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Тетово ја посети опожарената модуларна болница наменета за лекување на ковид-пациенти, каде што во синоќешниот пожар загинаа 14 лица. Toj беше информиран за првичните сознанија поврзани со трагичниот настан.
„Дојдов да изразам солидарност со граѓаните на Тетово и најмногу со оние кои ги изгубија своите најблиски и да поразговарам на лице место со надлежните. Надлежниот јавен обвинител ме информираше дека за еден до два часа и формално ќе го завршат увидот, кој трае веќе втор ден и во најбрз можен рок ќе излезат со нивниот извештај. Процедурата е: тие даваат наредби до другите надлежни институции, од обдукција до Министерството за внатрешни работи. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност. По нивното добивање на тие одделни извештаи, ќе излезе тој со свој збирен извештај, во кој ќе се види прво што е причината за пожарот, и второ дали зад тоа евентуално има некаква човечка грешка“, рече претседателот Пендаровски.
„Од сето она што го чув и од одговорниот во противпожарната екипа, за само неколку минути изгорел целиот објект, што е само по себе основа за анализа. Меѓутоа, тоа е работа на надлежните институции. Ние имаме доволно стручни кадри во сите овие институции кои се инволвирани во оваа, да ја наречам, повеќеслојна истрага. Јас не се сомневам дека за кратко време ќе ја знаеме вистинската причина“, рече претседателот Пендаровски.
„Она што сакам јавно да го кажам – до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации, јас ова утро разговарав на пример со претседателот на Словенија, Пахор, кој ме праша истото, има различни шпекулации дека е можеби подметнато, дека има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации за тоа – до овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно, со цел да се постигне некаква друга, политичка цел. Меѓутоа велам, тоа е во овој момент и, се разбира, тоа ќе ви го каже денеска или наредните денови надлежниот јавен обвинител“, изјави претседателот Пендаровски.
На новинарско прашање дали ќе побара оставка од некого, претседателот Пендаровски истакна дека секогаш инсистира на одговорност, политичка или морална, и изјави дека мора да се почекаат наодите на истрагата. Расветлувањето на ваквите случаи, според претседателот на државата, е тест преку кој треба да потврдиме дали навистина ја заслужуваме независноста на државата.
Претседателот Пендаровски пред модуларната болница во Тетово за трагичниот настан разговараше со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, потполковник Изеир Ејупи, командант на третиот пешадиски баталјон, со директорот на болницата, Флорим Бесими, и со командирот на противпожарна единица, Ука Алити, при што беше лично информиран за синоќешните случувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

