Македонија
(Видео) Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“

Претседателот Стево Пендаровски денеска го додели признанието „Успешни млади“ на 8 добитници во рамките на проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативната работа на младите луѓе од земјата. Претседателот Пендаровски во своето обраќање по повод доделувањето на признанието изрази уверување дека преку оваа иницијатива ќе се придонесе кон вреднување на трудот и знаењето на младите зголемувајќи ја мотивацијата за нови достигнувања на младите научници, таленти, уметници, креативци и ќе ги охрабри да продолжат да го вложуваат својот труд и да го развиваат својот талент.
„ Имаме многу успешни креативни млади, кои се иднината на нашата земја. Очекувам тие да си го заземат своето место во општеството, да бидат дел од образовните и научните институции, компаниите, креативните индустрии и да придонесуваат за нашето општество. Ако професионалната кариера сепак ги одведе и надвор од границите на нашата земја, посакувам и понатаму, не само емотивно туку и професионално, да бидат поврзани со својата татковина преку иницирање и почнување проекти, заеднички програми и други модалитети на соработка. Нашиот најголем ресурс е човечкиот потенцијал и затоа не смееме толку лесно да се откажуваме од него“, истакна претседателот Пендаровски.
Во таа насока ја нагласи неговата лична заложба за поттикнување и поддршка на иницијативи и проекти, чија цел е да се намали одливот на млади луѓе од земјава, да се создадат перспективи за младите и успешни кадри да останат и да ја градат својата кариера во Северна Македонија. Тоа, рече претседателот Пендаровски, треба да биде цел на секоја институција и на сите што донесуваат одлуки и креираат политики.
Годинашните носители на признанието „Успешни млади“ изразија задоволство што нивните професионални достигнувања се препознати и вреднувани од нашата држава, особено имајќи ја предвид силната конкуренција во сите 8 категории. Добитниците на „Успешни млади“ им се заблагодарија на претседателот Пендаровски и на комисијата истакнувајќи дека овие признанија се дополнителен поттик и мотивација да продолжат со професионалното усовршување секој во својата област.
Признанието „Успешни млади“ се доделува прв пат. Од вкупно 79 апликации за изминатата календарска година за постигнати резултати во согласност со осумте категории – за најдобар млад научник во општествените науки е избран Анастас Вангели, доктор по општествени науки во полето на социологијата, кој е професор на кинеско-европските бизнис-студии на Високата школа за комерцијални науки од Анже, Франција. Најдобар млад научник во хуманистичките науки е Борче Арсов, доктор на филолошки науки од областа македонски јазик. Во моментот работи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ како научен соработник, а ангажиран e и на Филолошкиот факултет во Скопје. Најдобар млад научник во природно-математичките и техничките науки е Кимет Јусуфи, чие поле на истражување се гравитацијата и квантната механика. Во моментот е професор по физика во Гимназијата „Гостивар“ во Гостивар и доцент на Државниот универзитет во Тетовo. Најдобра млада научничка во медицинските науки е Моника Ѓорѓиева, која докторирала на Универзитетот „Клод Бернард Лион 1“. Во моментот таа е фокусирана на негеномски молекуларни промени во црниот дроб, кои може да доведат до развој на тумори во овој орган. Најдобра млада иноваторка е Весна Бачева, која завршила на светски познатиот Федерален технолошки институт на Швајцарија, а магистерскиот труд го изработила во IBM Research во Цирих, една од 12-те лаборатории на IBM во светот. Во категоријата млад талент за ученици и ученички од средните училишта признанието „Успешни млади“ ѝ е врачено на Ангела Бушеска, која освоила златни и сребрени медали за најдобар одржувач на дебати на интернационалните олимпијади World Scholar’s Cup и Owlypia. Таа е вљубеник и во математиката, а досега спровела и неколку истражувања во областа на екологијата, физиката и хемијата. Добитник на признанието за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата за млади со попреченост е Ардијан Шабани, кој е активен спортист во здружението „Активен живот“ во Тетово и редовен член на Спортската федерација на Северна Македонија. Ардијан во март минатата година на светските специјални игри во Абу Даби освоил бронзен и сребрен медал во две категории. За најдобара млада уметничка е избрана Симона Димковска, која по завршениот Архитектонски факултет во 2015 година, дипломирала и на Факултетот за драмски уметности во Скопје. На нејзината листа на добиени награди се вбројува и минатогодишната награда за млада актерка за улогите што ги толкувала во претставата „Физика на тагата“, награда од македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Изборот на носителите на признанието го прави посебна комисија составена од 23 члена, меѓу кои академици од МАНУ, реномирани професори од областа на природните, техничките и општествените науки од универзитетите во Република Северна Македонија и од странство, експерти од областа на медицината, бизнис-заедницата и културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и студено.
Во текот на денот облачноста ќе се зголеми, особено во северните делови, каде во текот на ноќта ќе има услови на места да провејува слаб снег. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северозападен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од -7 до 3 степени.
Во Скопје сончево време со мала до умерена, а до крајот на денот со значителна облачност. Во текот на ноќта во делови од котлината ќе провејува снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Максималната температура ќе биде околу 0 степени.
Македонија
Автобус на ЈСП се судри со две возила кај Шумарскиот факултет

Нема повредени патници во автобусот на ЈСП, по сударот со два автомобили кај Шумарскиот факултет. Оттаму информираат дека е причинета само материјална штета.
Досега, како повредени се пријавени три лица кои се превезувале со автомобилите.
„Според изјавата на возачот на автобусот дадена на внатрешната контрола на ЈСП Скопје, незгодата се случила околу 15 часот во момент кога автобусот (ЛАЗ) кој сообраќал на линија 50 стоел на автобуската постојка кај Шумарски факултет, за влез/излез на патници, и во него од позади удрило едно од двете патнички возила кои учествувале во незгодата“, информираа од ЈСП.
Од ЈСП велат дека МВР работи на целосно расчистување на случајот.
„Апелираме на поголема внимателност на сите учесници во сообраќајот, со цел избегнување на евентуални човечки жртви и поголеми материјални штети“, додаваат од ЈСП.
Македонија
Димовски на местото на Ѕинго на чело на Социјалистичката партија

Пратеникот Љупчо Димовски е избран за нов претседател на Социјалистичката партија, на денешниот конгрес, кој се одржа во Кратово. Тој доаѓа на местото на Љубисав Иванов – Ѕинго, кој 25 години беше претседател на социјалистите, а почина во ноември, минатата година.
Димовски е поранешен министер за земјоделство во една од владите на ВМРО-ДПМНЕ, и е еден од петтемина пратеници кои беа обвинети, а потоа амнестирани за насилствата во парламентот на 27 април.
Димовски е дипломиран економист. Роден е во Велес на 9 април во 1959 година. До 2008 година работи како генерален директор на ЈП „Паркови зеленило“-Скопје. До 2009 е заменик министер за транспорт и врски, а потоа до 2014-та е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од 2014-та, Димовски е пратеник во Собранието на Република Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски меѓу првите му го честиташе на Димовски изборот за претседател на Социјалистичката партија.
„Честитки за изборот на Љупчо Димовски за прв човек на СПМ. Вистинско решение. Чесен и искрен човек кој ја сака и покажа како се бори за Македонија и покрај сите напади и бури! Љубац, пријателе, заедно да го победиме ова зло и да се избориме за Македонија, до самиот крај!“, порача Мицкоски.
Честитки за изборот на Љупчо Димовски за прв човек на СПМ. Вистинско решение. Чесен и искрен човек кој ја сака и покажа…
Posted by Hristijan Mickoski on Saturday, January 16, 2021
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира