Македонија
(Видео) Пендаровски им честита на младите математичари, добитници на медали на Балканската олимпијада

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими ученици коишто на 37-та Балканска математичка олимпијада освоија сребрен и бронзени медали.
На олимпијадата, каде нашата земја ја претставуваа 6 ученици, претежно средношколци, Никола Спировски доби сребрен медал, додека бронзени медали освоија Дамјан Давков, Алек Јармов и Лука Грашкоски. На Олимпијадата учествуваа и Кристина Тасева и Бојан Димовски. Тимот заедно освоил 113 поени, што според Сојузот на математичари на Македонија, претставува најголемо достигнување во последните 11 години.
На средбата, учениците и водачите на тимот Никола Велов и Борче Јошевски го информираа претседателот Пендаровски за процесот на интензивни подготовки, којшто се спровел преку четири пробни натпревари со симулација на условите. Таквиот пристап, како што истакнаа тие, придонел за одличниот резултат на олимпијадата.
Претставниците од Сојузот на математичари на Македонија истакнаа дека клучна улога за постигнување врвни резултати во математичкото образование има основното образование, односно работата со учениците уште од четвртто и петто одделение.
Честитајќи им за освоените медали и големиот успех, Претседателот Пендаровски изрази поддршка за напорите да се обезбедат подобри услови за учење и тренинзи по математика.
„Честитки за успехот, за кој сите сме горди. Посакувам да продолжите да го надградувате квалитетот што го поседувате и натаму да постигнувате одлични резултати на меѓународен план“, истакна претседателот Пендаровски на средбата.
37-та Балканска математичка олимпијада, на којашто учествуваа 11 балкански држави и седум гостински тимови, виртуелно се одржа во Романија, во периодот од 31 октомври до 5 ноември годинава.
Инаку, за некои од учениците овие награди не се единствени годинава. Никола Спировски во септември победи на 24-тата Јуниорска олимпијада. На истото натпреварување, коешто виртуелно се оддржа во Грција, Дамјан Давков освои сребрен медал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Драматични снимки од пожарот во Трубарево кадешто горат објекти за складирање на електронски отпад

Сериозен е пожарот што избувна во Трубарево и ги зафати објектите на Ф – ГРУПАЦИЈАТА која се занимава со електронски отпад.
Претходно надлежните објавија дека се работи за пожар во „Нула отпад“, но информацијата ја коригираа, потенцирајќи дека нејзините објекти не се зафатени со пожар.
Засега нема информации дали има повредени и колкава штета е причинета, а според видеата може да се забележи дека се работи за интензивен пожар кој е видлив од сите делови од Скопје.
Пожарот се гасне од земја и од воздух.
Македонија
(Видео) Ангелов: Се затрупува изворот на чад во Дрисла, термални камери и патроли во Вардариште, нов пожар избувна во Трубарево

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска информираше за повеќе паралелни интервенции поврзани со пожари на скопските депонии.
Во депонијата „Дрисла“, каде што изминатите денови беше присутно интензивно чадење, Ангелов посочи дека се преземени сериозни мерки:
„Направивме два пристапни земјени патишта до местото кадешто се случува чадењето. Денес, со засилен број механизација – багери, камиони, булдожери – се чисти теренот и се работи на затрупување. Очекувам добар дел од местото во текот на денот да биде целосно затрупано.“
Дополнително, побарана е нова механизација, а се отвора и нов фронт за работа за повеќе градежни машини.
Во депонијата „Вардариште“, каде што исто така имаше чадење претходните денови, ситуацијата е оценета како стабилна, но и таму продолжуваат активностите:
„Се работи на затрупување на локацијата каде што чадеше. Поставени се термални камери со цел навремено да се идентификуваат и пресретнат лица кои евентуално би се обиделе повторно да предизвикаат чадење,“ додаде Ангелов, истакнувајќи дека на терен се и засилени полициски патроли.
„Се работи за сериозен пожар. Хермелините се веќе упатени натаму, едниот од нив е веќе на пат кон Трубарево“, соопшти Ангелов. Ќе се интервенира и од воздух.
Македонија
ЗНАМ ја поднесе кандидатурата на Мирослав Лабудовиќ за градоначалник на Центар и листата за советници во Советот на Град Скопје

Движењето ЗНАМ денеска ја поднесе кандидатурата на Мирослав Лабудовиќ за Градоначалник на Општина Центар и листата на кандидати за членови Советот на Општина Центар.
„Центар заслужува конечно работите да се решаваат системски, со една јасна визија за многу почист Центар, безбеден Центар, Центар кој има ред и организација. Оваа денешна слика мора да се промени. Центарци знаат што е најдобро за нив. Благодарам на ЗНАМ за довербата и кандидатурата, но исто така благодарен сум на ВМРО-ДПМНЕ за целосната поддршка која ја добивам. Најважни се граѓаните и условите во кои живеат, Центар е наш заеднички дом. Ќе го вратиме сјајот и редот со квалитетни системски решенија. Овој хаос мора да запре. Ќе го ослободиме просторот, ќе го исчистиме, озелениме и повторно ќе го слушаме детскиот џагор во маало. Знаеме како!“ – изјави Лабудовиќ.
Со поднесувањето на кандидатските листи и кандидатурата, ЗНАМ најави нова енергија и одговорност во политиката.
Главните приоритети на ЗНАМ остануваат: • повеќе зелени површини и чиста животна средина, • системски решенија за сообраќајот и инфраструктурата, • почисти и безбедни маала, • враќање на јавниот простор во рацете на граѓаните.
„Ова не е само политичка агенда, ова е заедничка визија за град кој ќе биде гордост на сите нас. Време е да направиме во Центар и градот Скопје да владее ред, чистота, безбедност и урбан живот достоен за неговите жители. Со ова, движењето уште еднаш ја нагласува својата определба за чесна, одговорна и транспарентна политика насочена кон реални решенија и подобар живот за сите граѓани,испраќајќи силна порака дека е подготвено чесно, одговорно и системски да ги решава проблемите на граѓаните”, потенцираше Лабудовиќ.
Едновремено, во Градската изборна комисија беше поднесена листата на советници на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија за советот на Градот Скопје. Носител на листата за Советот на Град Скопје е генерал Горанчо Котески, поранешен Началник на Генералштабот на АРМ, човек со долгогодишна професионална кариера и интегритет. Тој порача дека Скопје мора да добие поинаков, со системски пристап во управувањето: „Влегуваме чесно и со јасен план и визија, со волја да ги решаваме проблемите со кои се соочува градот Скопје. Граѓаните заслужуваат функционален, организиран и чист град, а ние знаеме како тоа да го постигнеме,“ изјави генералот Котески.