Македонија
( Видео) Перковска и Ампева се судрија за текстилните работнички: Да или не половина час платена пауза

Јавноста деновиве беше шокирана од барањето на сопствениците на текстилните фабрики работниците да работат по 8 и пол часа, за да може паузата од половина час да им биде платена. Во писмото на Текстилниот кластер испратено до министерките за труд и социјална политика и за финансии, Мила Царовска и Нина Ангеловска, но и до вицепремиерот Кочо Анѓушев, тие образложуваат дека сегашното работно време од осум часа, односно од ефективни 7 и пол часа, како што велат, затоа што работниците имале и платена пауза, ги правеле фабриките неконкуретни во однос на тие од регионот.
Тие бараат да се укинат и празниците за да нема дисконтинуитет во производството, односно работниците повеќе да работат. За тоа дали има ниска продуктивност и државата декларативно се заложува за раст на платите кој генерално паѓал на грбот на работодавачите, и дали работниците во оваа индустрија кои важат за најниско платени и најобесправени, дебатираме со Маријана Перковска, претседалека на Текстилниот кластер, и Кристина Ампева, претседалека на „Гласен текстилец“.
„ Грешите ако не нарекувате газди. Ние работиме повеќе од работниците и едвај опстануваме. Ние како кластер ова го бараме и за доброто на индустријата и за доброто на работникот. Седум и полчасовното ефективно работно време со плус 30 минути платена пауза да се замени по примерот на сите европски земји во окружувањето со 8 часа ефективно работно време плус 30 минути платена пауза, што значи вкупно 8 часа и 30 минути. Сегашниот начин на работно време не прави многу понеконкурентни во однос на опкружувањето, а нашиот предлог ќе отвори можност за директно покачување на платите како резултат на подолгото работно време од половина час“, тврди Перковска.
Од друга страна, Ампева вели дека проблемот лежи во суровиот третман на работниците и односот на газдите кон нив.
„Ова ваше барање нема да помине. Правата на работниците се на многу ниско ниво. Ако компаниите за кои работат вашите фабрики и извезуваат во Германија, дознаат во какви услови се работи во халите, тие ќе ја прекинат соработката. Не може газдите да возат џипови и да си уплатуваат месечна плата во висина колку сите плати на работниците“, децидна е Ампева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.