Македонија
(Видео) Петровска: Погубно за Министерството и граѓаните ќе биде МВР да се претвори во партија
Впечатокот дека се случува хаос во Министерството за внатрешни работи е резултат на избрзаните телеграми од министерот Чулев, вели неговата заменичка Славјанка Петровска додавајќи дека ситуацијата е менаџирана, но последиците не се санирани. Петровска потенцира дека неопходна била анализа на телеграмите пред да бидат испратени за спроведување. За неа е спорно и дали воопшто Чулев може без основ и со една наредба да укинува низа наредби од својот претходник.
„Успеавме непријатната ситуација да ја менаџираме, односно граѓаните да се чувствуваат мирни и безбедни. Но, тоа не значи дека е разрешена дилемата за тоа што со последиците од таквата негова одлука, која е предмет на договорање и усогласување и овие денови, односно отворено е прашање. За ваквото однесување, кое го сметам за несовесно, треба да се добие правна разрешница. МВР не може да функционира на база на адхок-телеграми што се издаваат преку ноќ, постојат акти и закони што уредуваат како треба Министерството да функционира“, вели Петровска.
Опозицијата треба да ги анализира преземените чекори на Чулев како негови предлагачи за технички министер, смета Петровска. Таа вели оти нема дилема дека доколку постои злоупотреба во МВР, одговорност треба да има. Но, пред тоа, според неа, таа одговорност треба да се докаже. На прашањето дали МВР може да се претвори во политичка партија, заменичката во МВР вели: „Апсолутно не. Тоа ќе биде погубно, пред сè, за Министерството, па и за граѓаните“.
„Секое обвинување можете јавно да го искажете, ама тој што обвинува треба да го докаже. Тука станува збор за изјавата за поврзаноста на криминогени структури со раководството на МВР за кое кажав дека, ако постојат докази, треба да се почне соодветна постапка. За моите тврдења дека се загрозува безбедноста, јас кажав и тоа ќе го докажам во судска постапка“, додава Петровска.

Заменичката на Чулев смета дека техничкиот министер треба да го даде предлогот за решавањето на проблемот со испразнатите места во МВР бидејќи поради него настанал и проблемот. Прашана дали верува во професионалноста на министерот Чулев, таа вели: „Имаме време до изборите тоа да го докажеме и двајцата, не сакам прерано да давам квалификации“.
„Ние сме предложени од политички партии. Наше е да не дозволиме партиските влијанија да се преточат во МВР. Гаранција за завршување на отворените случаи и во овој период е јасната поставеност во Министерството, односно законите што ја утврдуваат хиерархијата за управување на полицијата. БЈБ исто така постапува. Од моја страна сигурно нема да има никакви влијанија, очекувам и се надевам дека и министерот нема да има никакви директни влијанија за решавање на овие случаи. Чулев има свој беграунд во безбедносно-разузнавачкиот систем. Се надевам дека Чулев ќе се обиде да се одлепи од политичките влијанија исто како и јас“, вели дополнителката заменик-минситерка.
Во списокот со возила што Чулев преку телеграма ги барал назад имало и автомобили што ги користеле во одделот за организиран криминал, а се неопходни. Петровска вели дека тоа е причината за нејзината реакција и посочи: „Не смее да се дозволи ваков превид“.
За именувањето началник во СВР Скопје, министерката Петровска вели дека останува на ставот оти лице што во минатото било дел, односно вршело влијание на изборниот процес и притисоци врз гласачи – не треба и не може да биде дел од тимот што треба да спроведе фер и демократски избори.
„Со вакво именување, тие што предлагаат вакви лица праќаат порака до граѓаните. Одговорноста ја носиме и со тоа какви кадри предлагаме“, посочи Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

