Македонија
(Видео) Петров: Одобрена е поддршка за исплата на плати за над 103.000 вработени

Управата за јавни приходи информира дека на 16.546 компании со 103, 307 вработени веќе им е одобрена финансиска поддршка за исплата на плати за месец април 2020, соопшти Коста Петров, потпретседател на СДСМ.
„Вкупниот износ на одобрената финансиска поддршка досега изнесува 1 447 278 909 денари. Со бескаматните кредити од линијата КОВИД 1 и КОВИД 2, им овозможуваме на македонските компании успешно да се справат со оваа криза но и да инвестираат во нови продукти и услуги.
Бескаматната кредитна линија ,,Ковид1″ е веќе целосно реализирана и одобрени се 738 кредитни барања за компании со вкупно 6.524 вработени а за бескаматната кредитна линија КОВИД 2, заклучно 13ти мај, завршија 15те дена од јавниот повик за аплицирање и поред информациите кои ги има банката, пристигнати се околу 4.340 апликации.
Со ребалансот на буџетот го забрзуваме процесот на оправување на македонската економија преку финансирање на мерките за надминување на последиците од корона кризата. Со овие мерки, заеднички ќе ја трансформираме нашата економија но и ќе ја зголемиме нејзината конкурентност.
Со дополнителни 3 милијарди денари на КОВИД програмата, креираме мерки за стимулација на приватната потрошувачка а со дополнителни 600 милиони денари овозможуваме и поголема поддршка за македонскиот туризам.
За социјална заштита поврзана со ефектите од КОВИД-19 се распоредуваат 350 милиони денари, а исто толку и за Фондот за здравство.
За Министерство за здравство обезбедивме 300 милиони денари за да ги зајакнеме здравствените капацитети за откривање на болести а обезбедивме и 350 милиони денари со цел да им помогнеме на нашите млади да се стекнат со ИТ и дигитални вештини кои ќе им овозможат брзо вработување во новата економија.
Алоциравме и 150 милиони денари за исплата на надомест за невработеност во Агенцијата за вработување и 60 милиони денари за национално кофинансирање за нова кредитна линија преку Развојната банка на Северна Македонија.
Почитувани граѓани, оваа криза може да биде и одлична можност за сите нас. Преку сетот на економски мерки, подготвен од економскиот совет на СДСМ, сите заедно, ги поставуваме темелите за трансформација на македонската економија. Заедно ќе излеземе од оваа криза уште похрабри, уште посилни“ рече Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.