Македонија
(Видео) Петрушевски: Филипче лично имал профит од препродажбата на трипати поскапиот јаглен од Грција на ЕСМ
Венко Филипче лично имал профит од препродажбата на трипати поскапиот јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година, рече денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најскап договор за јаглен, кој го склучила ЕСМ, а е по цена од 82.5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, е со компанијата „Зобек мининг груп“. Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, а потоа за уште 48 илјади тони, со што доаѓа до вкупна цифра од 288 илјади тони. Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“, рудникот во Грција каде се копал јагленот, пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дошле истражувачките новинари од Македонија, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена помеѓу 28-30 евра по тон. Тоа е три пати помалку од тоа што Зобек мининг груп продава“, рече Петрушевски.
Тој на прес-конференцијата истакна дека „Зобек мининг груп е компанија која води директно до Венко Филипче“.
„Ова е возилото Ауди Q8 кое Венко Филипче го вози од изборната кампања наваму. Истото е купено на лизинг од компанијата Зобек мининг груп и дадено на Венко Филипче. Газдата на Зобек мининг груп за новинарите потврдил дека тој го купил аудито на Венко Филипче, преку фирмата која препродавала три пати поскап јаглен на ЕСМ и дека сега возилото е на Филипче. Ова е фрапантно и безобразно. Народот плаќа поскапа струја денес за Венко Филипче да вози Ауди Q8. И истиот овој Венко Филипче без грам срам води политичка партија и бара гласови“, кажа пратеникот Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на Царина од Брисел: Македонија чекор поблиску до ЕУ, потпишан Mеморандум за електронска размена на податоци со Бугарија
На највисоко ниво и во присуство на еврокомесарот за проширување Марта Кос, денеска во седиштето на Европската комисија во Брисел, директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорот на Националната царинска агенција на Република Бугарија, Георги Димов, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се овозможува електронска размена на податоци. Целта е забрзување на легалната трговија и спречување на обиди за царинска измама, со што директно ќе се придонесе за зајакнување на конкурентноста на македонската економија на пазарот во ЕУ.
Николовски вели дека со овој чекор Царинската управа јасно ги покажува силните заложби на институцијата за забрзување на интеграцијата на нашата држава во ЕУ.
„На овој начин го трасираме патот напред, при што нашата интенција е забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ и подобрување на конкурентноста на македонската економија. Од ЕУ имаме силна поддршка, за што доказ е и денешниот настан“, истакна Николовски од Брисел.
На потпишувањето беа присутни директорите на Царинските управи од земјите од Западен Балкан и ЕУ, како и директорите на ЦЕФТА и Транспортна заедница.
Македонија
Бомбата на Кузеска е петарда која и пукна во рака, следен пат нека излезе на прес со проверени информации, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа што Кузеска го нарекува бомба е петарда која и пукна во рака.
Не е јасно, велат од партијата на власт, како по којзнае кој пат некој од СДС ја пушта низ вода, да излетува со недоволно проверени информации.
„Да го тргнеме настрана фактот дека јавните набавки се јавни и транспаренти и другиот факт дека Кузеска не го разбира ИТ светот, туку Кузеска обвинува за сомнителни тендери со фирма на која власта на СДС и ДУИ им делеле тендери и грантови од Фондот за иновации.
Така фирмата СИГМОИД која не постои две години, туку многу повеќе само го сменила името од ДОО во ДООЕЛ во 2019 година добила грант од ФИТР од над 1,4 милиони денари.
Потоа повторно добила грант од ФИТР и во 2020 година од над 25 илјади денари.
Згора на тоа, фирмата добивала и тендери на кои се склучувале анекси со АЕК во 2021 година кога на власт беа СДС и ДУИ од скоро 700 илјади денари на кој потоа склучувале анекси.
Потоа тендер од Агенција за пошти предводено од СДС и ДУИ во 2020 од над 120 илјади денари, од ТИРЗ во 2021 од 720 илјади денари, повторно Агенција за пошти во 2021, од Државен завод за ревизија во 2022 над 600 илјади денари, од Агенција за супервизија на осигурување во 2022, и така натаму се до пред паѓање од власт во 2024 кога со АЕК склучиле два тендери од над 2,3 милиони денари. Еден куп тендери во времето на СДС“.
Воедно, истакнуваат од партијата на Мицкоски, очекувале дека Кузеска ќе го пофали новото раководство составено од Заев, но очигледно според нив, нема што да се пофали.
„Нека не се секира Кузеска, одговорност има и ќе има, ама за сите криминали на Венко и Заев“.
Македонија
Ѓорѓиевски – Тигањ: разгледани иницијативи за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на хрватската амбасадорка во Република Македонија, Нивес Тигањ. Средбата се одржа во пријателска, отворена и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани можностите за унапредување на меѓународната соработка и заедничките иницијативи насочени кон развој на локалната заедница и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Разговорите ја потврдија заемната подготвеност за продлабочување на билатералните односи и за градење одржливи партнерства на локално и меѓународно ниво.
„Разменивме ставови за посветеноста на Град Скопје кон проактивен пристап во креирањето и спроведувањето иницијативи кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Посебно беа истакнати силните партнерства со пријателските земји, при што соработката со Република Хрватска се издвојува како значаен пример за успешна размена на знаење, искуства и добри практики.
Ја потврдивме заедничката определба за понатамошно продлабочување на билатералните односи, со уверување дека ваквите средби создаваат нови можности за граѓаните и претставуваат цврста основа за долгорочно и одржливо партнерство, како на локално, така и на меѓународно ниво“.

