Македонија
(Видео) Поповска: ДУИ поднесе апсурдни амандмани за да го блокира законот за една изборна единица
Пратеникот Ејуп Алими поднел различни амандмани со кои само го менувал датумот на примена на законот за една изборна единица во период од 2050 до 2080. Лилјана Поповска од ДОМ, една од иницијаторите за измените на изборниот законик, рече дека речиси 90% од преведените амандмани се со ваква содржина и рече дека овој потег на ДУИ е несериозен и потценувачки кон институцијата, односно Собранието.
„Еден ист пратеник поднел серија амандмани со кои се менува само датумот на важење. Содржински, амандманот нема никаква логика, едноставно се работи за игра на зборови. Барал законот да важи од 20 јули 2051 година, потоа поднесува друг амандман, во кој бара да се применува од 11 октомври 2071, па имаме 28 октомври 2080. И така пратеникот во рок од 50 години си ги менувал датумите на амандманите. На ваков начин не само што се блокираат законите кои ги иницираме, туку се изигрува институцијата. Ние повторно повикуваме на кооперативност, еве нека се одважат и нека дојдат на дебата. Не ми е јасно зошто не сакаат, дали се срамат од своите амандмани, па не сакаат да раправаме по нив?“, праша пратеничката Поповска.
Според неа, досега се преведени околу 2.200 амандмани или 50% од поднесените од ДУИ. Таа рече дека тие бараат амандманите да се стават на комисиска расправа, а го повика и спикерот Џафери да помогне да се отстранат техничките проблеми и да почне дебатата по нив.
„Добар дел од амандманите се преведени, но има проблем што не се закачени на електронската адреса на Собранието. Очигледно е дека ова е начин за блокада на законите, но ние уште еднаш повикуваме да се свестат колегите и да изнајдеме политичка волја да почнеме дебата. Доколку има компромис, амандманите може да се групираат и тие 1.000 да се сведат на три или четири амандмани и така ќе се откочи процедурата“, рече Поповска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

