Македонија
(Видео) По десет дена борба, дождот го изгасна пожарот кај Јасен
Дождот кој заврна пред 7.00 часот утрово и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето Јасен, помогна пожарот кој трае повеќе од десетина дена, да биде изгаснат, извести директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Но, додава тој, и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија се уште може да се забележи чадење поради што по кревањето на маглата и чадот ќе продолжи пешадиско дејствување врз жешките точки кои покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери.
Екипи на ЈП Јасен продолжуваат со патролирање се додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат.
Дожд заврна претежно во северните и северозападните делови на државата додека во источните, југоисточните, централните и југозападните делови досега немаше врнежи.
Според прогнозите на УХМР денес се очекува силен ветар до 60 км на час кој значително ќе го зголеми ризикот од појава на пожари на отворен простор и нивно брзо ширење поради што апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни за да не предизивикаат пожар но и да го лријават секое сомнително однесување.
Ангелов апелира доколку граѓаните забележат електрични жици кои се допираат или искрат веднаш да пријават во ЕВН или на бројот 112.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите за загинатите деца во Пулс со порака: Пред Нова година и Божиќ кога сите се радуваат, ние живееме во болка
Со солзи и голема болка денеска маршираа низ кочанските улиците семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“. Во емотивните говори на последниот Марш на ангелите оваа година порачаа дека ова не е само марширање, туку одење со срце што е скршено засекогаш.
-Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да облечат свечена облека за свадба. Нема да ги земат во раце своите внучиња. Сè што требаше да дојде — ни беше одземено – рече Васка Стојанова мајка на загинато момче пред зградата на Основниот суд во Кочани и Јавното обвинителство.
-Болка од последниот повик, од последната прегратка, од сознанието дека нашите деца умирале во ужас, во чад, во страв -оставени без заштита, без одговорност, без спас. Нашите домови се полни со тишина, со нивните соби што останаа исти, со облека што уште го носи нивниот мирис, со подароци што нема кому да се подарат. Пред Нова година и Божиќ, кога светот се радува, кај нас празниците болат најмногу. Ние ги броиме празните столчиња. Палиме свеќи таму каде што требаше да светат елки. Кај нас нема честитки — има солзи. Нема желби — има прашања без одговор. И не тагуваме само за нашите деца. Тагуваме и за нашите внучиња, деца што останаа без родители – порача Стојанова.
На 35. Марш на ангелите со емотивна порака се обрати и Мита Тасева мајка на диџејот, кој таа вечер пуштал музика и работел во дискотеката „Пулс“. Розета Блажева сестра на загинато момче ја прочита песната „Нова година без ѕвона“ посветена на 63-те жртви. Семејствата на загинатите млади луѓе денеска маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи низ Трговскиот центар, Полициската станица и завршувајќи кај зградата на судот во Кочани. Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со Маршевите на ангелите продолжуваат наредната година по Божиќните празници.
За понеделник е закажано и ново судско рочиште за загинатите во дискотеката „Пулс“.
Македонија
Пешак тешко повреден во сообраќајна несреќа кај Брвеница
На 26 декември 2025 година околу 06:45 часот на регионалниот пат Тетово – село Брвеница, патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот Б.Н. од Тетово, удрило во 35-годишниот пешак Б.С. од село Брвеница.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во Клиничка болница Тетово. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Тетово.
Македонија
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација со сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Барањата ги пренесуваме во целост:
1. Мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 г., да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време. Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот (пр. AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување.
2.Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со МЖСПП, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на УСЈЕ покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Safe city“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани.
3.Да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
4.Важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат и заострат во однос на сегашните стандарди.
5.Целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
6.Акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.
7.Запирање на активностите на рудникот за лапорец.
8.Најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.
9.Поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста

