Македонија
(Видео) Првиот човек на амбасадорите: Бугарија нè призна, ама како втора бугарска држава
Бугарија ја призна Македонија како независна, но ние ги заборавивме нивните тврдења зошто ја признаа Македонија. Нивниот тогашен премиер се изјаснил: „Ние ја признаваме Македонија како втора бугарска држава“ и таа негова констатација ние не ја зедовме здраво за готово. И според мемоарите на Глигоров, самиот тогашен премиер Георгиевски со радост ја примил веста, но рекол дека проблемот со јазикот и нацијата ќе го решат историјата и историчарите. За жал, многу време помина од тогаш, ниту историјата ниту политиката не го решила тој проблем, вели Мухамед Халили, претседател на Советот на амбасадорите во интервју за „Макфакс“.
Анализирајќи ги најновите случувања во врска со македонско-бугарските односи, Халили оценува дека Бугарија погрешила и дека е свесна за тоа.
„Сега сака да ја покрие својата грешка. Овој проблем излезе на виделина кога Бугарија пред светот сакаше да ја пласира тезата: да, држава Македонија постои, но не постојат македонски народ и македонски јазик. Бидејќи нивната теза не беше прифатена, тие го променија мислењето и западнаа во замка, па сега велат, ние се бориме за правата на бугарското малцинство кое живее во Македонија“.
За инцидентот со претепаниот Пендиков и за реакцијата на шефот на државата, Халили оценува дека Пендаровски требало да почека со реакцијата.
„Проблемот е многу деликатен, тој се наоѓал пред една дилема дали да реагира или да не реагира. Но, секоја реакција, каде што минското поле не е расчистено, има ризик да паднеш на мина. Според мене, подобро ќе беше да чекаше да заврши процесот на полициско-судските постапки, па кога ќе имавме јасна слика на овие институции, тој да реагира“.
Оценува дека Османи успешно се справува во проблемот со Бугарија.
„Некои му наоѓаат мана зошто тој е Албанец и се грижи за еден проблем, кој е типично етнички“.
Дали ЕУ има исти аршини во односот со Бугарија и Македонија, дали има причина да стравуваме дека 4 февруари може да биде настан од висок ризик, за Џамбаски, за македонската дипломатија и за кроењето на владината коалиција, во интервју за „Макфакс“, Мухамед Халили, претседателот на Советот на амбасадорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

