Македонија
(Видео) „Прекинат е растот на платите во образованието, се нудат срамни 0,7 отсто усогласување“, вели Лазаревска
„По само 100 дена, новата Влада предводена од Христијан Мицкоски и коалицијата покажа дека образованието не им е приоритет. ВМРО ДПМНЕ не само што не ги исполни ветувањата за поголеми плати туку и ги урна и надежите за развој на образованието. Наместо конкретни мерки, сведоци сме на скратување на постојните. Дури ниту Мицкоски во обраќањето по повод 100-те дена не спомена конкретни мерки за развој на образованието. Единствената мерка што ја спомена беше набавката на учебниците, но намерно не кажа дека ресорното министерство започна со набавка и докомплетирање на учебниците уште од почеток на 2024 година, со што се овозможи печатењето на учебниците да се случи уште во мај 2024 година, односно пред конституирање на новата влада“, рече Жаклина Лазаревска.
„Ја прекинаа планираната низа на раст на платите и донесоа одлука за дегарадирачко, срамно усогласување од само 0,7%, што е минимални 200-300 денари. Толку ли за ВМРО-ДПМНЕ вредат наставниците?
Од овој септември, платите на наставниците требаше да се зголемат за 12%, односно дополнителни 4.300 денари. Ова зголемување беше дел од новиот колективен договор за основно и средно образование. Но, благодарение на неспособноста на министерката Весна Јаневска, наставниците сега губат повеќе од 4.000 денари секој месец.
ВМРО ДПМНЕ лаже дека нема пари за повисоки плати, бидејќи средствата беа проектирани во буџетот на Министерството за образование за 2024 година. Но, со ребалансот, ВМРО ДПМНЕ одлучи да ги прераспредели парите за свои приоритети, што резултираше со кратење на средствата за инвестиции во образованието, подобрување на инфраструктурата, програми за децата од социјално ранливите категории.
Ова е уште една од низата лаги на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи во нивната програма стои раст на плати и подобрување на инфраструктурата. Но, затоа има пари за зголемување на платите на директорите на училиштата за 40-50%. ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува спирата на раст на плати во образованието што Владата на СДСМ ја започна и ја спроведуваше со долгорочен план.
Така, обезбедивме наставниците во основно образование денеска да имаат плата од 33,646 денари + минат труд за разлика од 2016 та кога имаа 21.100 денари, а во средното образование платите на професорите се 35.200 денари + минат труд за разлика од 2016та кога беше 21.950 денари.
Во овие 100 дена, ВМРО ДПМНЕ покажа дека е ненародна власт, која не работи во интерес на квалитетното образование и наставниот кадар.
Нема нови мерки за студентите, туку во нивни стил ВМРО излажа дека започнуваат со реновирање на 9-те студентски домови во државата, нешто што беше започнато уште пред две години од Владата на СДСМ.
Нашите просветни работници заслужуваат почит и поддршка од секоја влада. Образованието не е само буџетска ставка, туку инвестиција во нашата иднина, и затоа мора да биде приоритет. Како конструктивна опозиција, силно ќе се спротиставиме на политиките на оваа влада, која свесно сака да го маргинализира овој важен сектор“, изјави Жаклина Лазаревска, членка на Комисијата за образование и наука на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се пренасочува сообраќајот на магистралниот пат Скопје – ГП Блаце
Поради технички проблеми на терминалот од косовска страна, сообраќајот на магистрален пат Скопје – ГП Блаце (БП Дизел) се пренасочува, информираше АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
До 2.000 денари заштеда за граѓаните со нашиот предлог за укинување на ДДВ за основните производи, соопшти СДСМ
„Усвојување на предлог Законот на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи на храна значи месечна заштеда за граѓаните и до 2.000 денари. Со предлог Законското решение на СДСМ се опфатени над 250 категории на производи за кои ДДВ то ќе се намали од 5% на нула проценти“, велат од СДСМ.
„Бидејќи учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2.000 денари значително ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети.
СДСМ ја разви оваа мерка во консултации со експерти и бизнис секторот и бенефитите ќе бидат за граѓаните а нема да ги оптоваруваат компаниите.
За спроведувањето на предлог-законот не е потребно обезбедување на финансиски средства и оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата на Христијан Мицкоски.
После еден месец примена владината мерка за замрзнување на маржите не донесе никаков ефект. Потрошувачката кошничка се намали само за 57 денари додека просечната плата се намали за 1.000 денари.
СДСМ ги повикува сите пратеници да го поддржат законот. ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает врз грбот на граѓаните и наместо постојано да одбива добри законски решенија предложени од опозицијата да се одважи и да ги поддржи“, соопшти СДСМ.
Македонија
Наутро студено, во текот на денот сончево
Наутро студено со услови за слаба магла или ниска облачност по котлините. Во текот на денот времето ќе биде сончево. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 6, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степен.
Во Скопје утрото постудено со услови за појава на слаба магла, а преку денот претежно сончево и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 20 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Ќе продолжи периодот на претежно сончево време, но со постудени утра, а минималните температури на повеќе места ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Дневната температура ќе достигнува најмногу до околу 20 степени.