Македонија
(Видео) Рашковски осуден на осум години казна затвор

Првообвинетиот Драги Рашковски е осуден на единствена казна затвор од осум години. Второобвинетиот Ивица Димитровски доби пет години казна затвор. На Игор Христов му е одредена казна од пет години и шест месеци. Четвртообвинетиот Даниел Станчев е осуден на 4 години. Ирена Ивановска доби три години и шест месеци, а хонорарците Игор Ивановски и Маја Силјановска добија по три години затвор. Казните ги изрече судечкиот совет, чиј претседател е судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
Што направиле
„Софтвери“ е предмет отворен по допрен глас од обвинителката Ивана Трајчева. Обвинението е за набавка на два софтвера и исплата на хонорари. Првиот софтвер е за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација, кој, според обвинителката, никој не ги користел, а Генералниот секретаријат со кој управуваше Рашковски ги набавил иако немал надлежност за тоа. Дополнително, обвинителката докажуваше дека тендерите биле наместени.
Вториот дел од обвинението е за хонорарите. Тој склучувал авторски договори со физички лица што не ги извршувале работните обврски. Според обвинението, тие подигнувале дел од парите и му ги враќале на Рашковски. Со тоа е направена штета на буџетот во вкупен износ од 1.320.000 денари.
За што се гонат
Првообвинет е Рашковски. Обвинет е дека сторил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело. Дополнително, во текот на постапката му беше ставено на товар уште едно кривично дело – фалсификување исправа бидејќи презентира извод од банка со нецелосни податоци, а ги претставуваше како целосни.
Второобвинет е Ивица Димитровски, професор на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и ангажиран во Генералниот секретаријат. Се гони за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Според обвинението, иако изготвувал техничка спецификација за тендерите, истовремено учествувал и во постапките за јавни набавки за нив – во едната како изведувач, во другата како подизведувач. И Димитровски се товари дека ги враќал парите што му биле исплаќани од Генералниот секретаријат.
Третообвинет е Игор Христов. Станува збор за сопственик фирмата „ГБЦ системи“. Доколку се следи текот на набавката на опремата, која секогаш завршувала во Генералниот секретаријат, ќе се утврди дека секоја фирма што склучила некој од четирите договори за јавни набавки ја набавила од неговата фирма. Истовремено, и тој бил надворешен соработник во Владата. Рашковски и сам призна дека се стари пријатели.
Даниел Станчев е четвртото обвинето лице. Тој е сопственик на фирмата „Инвока груп“ за која јавноста дозна кога беше утврдено дека користела простории на Правниот факултет, каде што предава првообвинетиот Рашковски. Според презентираните пораки од Обвинителството, тој бил во постојана комуникација со Рашковски кога се подготвувале тендерите, кога се спроведувала јавната набавка и се договараат за последна цена во јавната набавка. Сите овие пораки беа презентирани во судница, а Рашковски никогаш не ја демантира содржината, туку само дека не се гледа неговото име. Притоа обвинителката на секое рочиште потенцира кои лица и броеви биле во посочените вибер-групи, меѓу нив и Рашковски, потпишан како „Перо 078“. Дури и обвинетите кога контактирале меѓусебно, зборувале за „Перо“, а според обвинението, тоа е Рашковски. Тој негира дека има ваков прекар.
Хонорарците што се гонат дека зеле пари без да работат се Игор Ивановски и Маја Силјановска. Истовремено, хонорарец е и Ирена Ивановска, која ја има во комуникациите од вибер-групите заедно со Станчев и Рашковски. Обвинението е дека Ирена Ивановска им ги дава своите извештаи на својот брат Игор Ивановски и на Маја Силјановска за тие да ги достават извештаите само со сменето име. Дополнително, двајцата хонорарци Игор и Маја, според обвинението, враќале дел од парите што завршувале кај Рашковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.