Македонија
(Видео) СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Прифатете го предлогот за минимална плата од 450 евра заради граѓаните
На денешната прес конференција СДСМ ја повика ВМРО-ДПМНЕ и Владата да го прифати предлогот за поголема минимална плата од 450 евра затоа што тоа ќе значи бенефит за сите работници и нивните семејства, потенцирајќи дека тоа е вистинска потреба за подобар животен стандард на граѓаните.
-Додека граѓаните живеат сè полошо, Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 450 евра. Со потсмев им вели на граѓаните „да почекаат, ќе бидат задоволни“. Чекаат работниците за повисоки плати, а граѓаните за ефективни мерки за намалување на цените. Сите чекаат Владата да се смилува и да преземе нешто што ќе значи директна поддршка за семејствата и родителите кои се борат да ги покријат основните потреби. Наместо да манипулира со лажни кампањи, Мицкоски треба да се охрабри и да ги продолжи добрите политики на СДСМ. Јасно е дека нема економски концепт и дека со неговите политики сите осиромашуваат. Време е да признае дека вака веќе не може и да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата. Ова е решение кое ќе донесе бенефит за сите работници, ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата. Секое семејство ќе има повеќе пари, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
СДСМ обвинува дека по само неколку недели од воведувањето, анализите покажуваат дека владината мерка за намалување на цените на основните производи е целосно неефективна додека стандардот на граѓаните опаѓа.
-Денес, на едно четиричлено семејство му се потребни 61.249 денари за основните потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1.000 денари откако Мицкоски стана премиер. Овие индикатори покажуваат дека животниот стандард на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат сè помалку пари во џебовите, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес конференција на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бомбата на Кузеска е петарда која и пукна во рака, следен пат нека излезе на прес со проверени информации, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа што Кузеска го нарекува бомба е петарда која и пукна во рака.
Не е јасно, велат од партијата на власт, како по којзнае кој пат некој од СДС ја пушта низ вода, да излетува со недоволно проверени информации.
„Да го тргнеме настрана фактот дека јавните набавки се јавни и транспаренти и другиот факт дека Кузеска не го разбира ИТ светот, туку Кузеска обвинува за сомнителни тендери со фирма на која власта на СДС и ДУИ им делеле тендери и грантови од Фондот за иновации.
Така фирмата СИГМОИД која не постои две години, туку многу повеќе само го сменила името од ДОО во ДООЕЛ во 2019 година добила грант од ФИТР од над 1,4 милиони денари.
Потоа повторно добила грант од ФИТР и во 2020 година од над 25 илјади денари.
Згора на тоа, фирмата добивала и тендери на кои се склучувале анекси со АЕК во 2021 година кога на власт беа СДС и ДУИ од скоро 700 илјади денари на кој потоа склучувале анекси.
Потоа тендер од Агенција за пошти предводено од СДС и ДУИ во 2020 од над 120 илјади денари, од ТИРЗ во 2021 од 720 илјади денари, повторно Агенција за пошти во 2021, од Државен завод за ревизија во 2022 над 600 илјади денари, од Агенција за супервизија на осигурување во 2022, и така натаму се до пред паѓање од власт во 2024 кога со АЕК склучиле два тендери од над 2,3 милиони денари. Еден куп тендери во времето на СДС“.
Воедно, истакнуваат од партијата на Мицкоски, очекувале дека Кузеска ќе го пофали новото раководство составено од Заев, но очигледно според нив, нема што да се пофали.
„Нека не се секира Кузеска, одговорност има и ќе има, ама за сите криминали на Венко и Заев“.
Македонија
Ѓорѓиевски – Тигањ: разгледани иницијативи за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на хрватската амбасадорка во Република Македонија, Нивес Тигањ. Средбата се одржа во пријателска, отворена и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани можностите за унапредување на меѓународната соработка и заедничките иницијативи насочени кон развој на локалната заедница и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Разговорите ја потврдија заемната подготвеност за продлабочување на билатералните односи и за градење одржливи партнерства на локално и меѓународно ниво.
„Разменивме ставови за посветеноста на Град Скопје кон проактивен пристап во креирањето и спроведувањето иницијативи кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Посебно беа истакнати силните партнерства со пријателските земји, при што соработката со Република Хрватска се издвојува како значаен пример за успешна размена на знаење, искуства и добри практики.
Ја потврдивме заедничката определба за понатамошно продлабочување на билатералните односи, со уверување дека ваквите средби создаваат нови можности за граѓаните и претставуваат цврста основа за долгорочно и одржливо партнерство, како на локално, така и на меѓународно ниво“.
Македонија
Халкбанк клучен поддржувач на македонскиот ракомет, потпишан договор за соработка и за 2026 година
Халкбанк АД Скопје и Ракометната федерација на Македонија официјално го продолжија своето партнерство и за 2026 година, со што банката и понатаму останува еден од клучните поддржувачи на македонскиот ракомет.
Со продолжувањето на соработката што започна во 2018 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата долгорочна посветеност на развојот на еден од најуспешните и најпрепознатливи спортови во земјата. Партнерството е насочено кон поддршка на активностите и настапите на македонските машки и женски ракометни репрезентации, кои континуирано ја претставуваат државата на меѓународната спортска сцена и остваруваат значајни резултати.

Договорот беше потпишан во просториите на Халкбанк АД Скопје, од страна на директорот на Халкбанк АД Скопје, Фатих Шахбаз и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Алесандар Стефанов.

„Горди сме што и во 2026 година ја продолжуваме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Ракометот е спорт со длабока традиција и огромна поддршка кај јавноста, а Халкбанк со ова партнерство останува дел од успехот, емоциите и вредностите што ги носи македонскиот ракомет. Нашата поддршка е израз на доверба во спортот, спортистите и идните генерации“, – изјави Фатих Шахбаз, генерален директор на Халкбанк АД Скопје.
Од Ракометната федерација на Македонија посочија дека продолжувањето на партнерството има особено значење за федерацијата и националните селекции.

„Продолжувањето на соработката со Халкбанк е уште една потврда за заемната доверба и заедничката визија што ја градиме со години. Халкбанк е стабилен и сериозен партнер на македонскиот ракомет, а нивната поддршка од 2018 година, наваму, има значајна улога во развојот на националните селекции, натпреварувачките системи и целокупната ракометна инфраструктура. Со овој договор заокружуваме уште една важна година за Федерацијата и испраќаме јасна порака дека македонскиот ракомет има сигурни партнери и јасна насока за иднината. Благодарни сме за довербата на Халкбанк и веруваме дека заедно ќе продолжиме да создаваме услови за нови успеси и напредок на сите нивоа“, – истакна Александар Стефанов, претседател на Ракометната федерација на Македонија.

На настанот присуствуваа и македонските ракометари, кои со своето присуство ја заокружија атмосферата и ја потврдија блиската врска меѓу федерацијата, спортистите и поддржувачите на ракометот. Во рамки на неформалниот дел од настанот, ракометарите се задржаа на дружење со присутните и потпишуваа дресови.


Со договорот за 2026 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата определба да биде активен и одговорен поддржувач на националниот спорт. Поддршката на ракометот е дел од поширокиот пристап на Банката кон општествено одговорно делување, насочено кон развој на спортот, младите и вредностите што ја поврзуваат заедницата.
ПР

