Македонија
(Видео) Советничка на Заев стопирала наплаќање долг кон приватна фирма, сопствениците ќе останат на улица
Петнаесет лица, сопственици на кумановската фирма „Кридеа“, стравуваат дека ќе станат бездомници бидејќи испорачувале услуги за државната фирма „Економија Идризово“, а таа не им плаќала. За да можат да одговорат на барањата на „Економија“, водејќи се од успешната соработка што почнала пред две децнии, тие ги ставиле под хипотека куќите во кои живеат. Но, „Економија“ во 2008 престанала да плаќа за услугите и за кусо време наталожила долг од близу 160 000 евра. Речиси десет години „Кридеа“ се обидува да си го наплати долгот. Минале низ низа судски постапки, вмешани се извршители, но долгот сè уште не можат да си го наплатат. Последниот обид за наплата на долгот го спречиле вработени во Кабинетот на премиерот Зоран Заев, тврди Татјана Арсиќ од фирмата „Кридеа“.
Банките губат трпение и најавуваат активирање на хипотеките, а државната компанија ветува, но не им ги исплаќа парите за услугите. Сопствениците на фирмата веќе една недела во шатор протестираат пред Влада, а ќе останат додека државата не им го плати долгот.
„Веќе за нас не се работи ниту за месеци ниту за денови туку се работи само за уште колку часа и колку минути ќе нè исфрлат под ведро небо, а најтрагично е што ќе немаме ниту 20 денари да купиме леб затоа што сите живееме од таа работа. Има и деца и студенти, сите почнавме да пиеме лекови за смирување за да ја издржиме оваа тортура“, вели Татјана Арсиќ, кон кого државната фирма „Економија“ има долг.
Државната фирма „Економија“ за да не го плати долгот го криела имотот што го поседува и не го запишувала во Агенцијата за катастар и недвижности. Сопствениците на „Кридеа“ откриле дека „Економија“ има два дуќани купени од „Бетон“ уште во 1984 година, но не се заведени во Катастар. „Кридеа“ тужела и судот пресудил дуќаните да бидат заведени во Катастар како имот на „Економија“ со цел по уписот да ги продадат за да си го наплатат долгот.
Откако дуќаните биле впишани во Катастар како сопственост на „Економија“, кумановската „Кридеа“ преку извршител прибележала хипотека на имотот од државната фирма. На денот кога била првата продажба, се изненадиле кога на имотниот лист од Катастар виделе дека сопственик не е повеќе фирмата „Економија“, туку Владата на Република Македонија со објаснување дека тие биле сопственици на правното лице. Промената во Катастар е направена преку ноќ, тврди доверителот Татјана Арсиќ. Судското решение било ставено надвор од сила, кога од Влада побарале во Катастар да преиспитаат на чие име ќе се заведат недвижностите.
„Кога на 13 април отидов во Катастар за недвижнини ми кажаа дека се јавила советничка од Кабинетот на премиерот и наредила да се изврши упис на РМ, под изговор дека основа за запишување име на РМ е тековната состојба каде што стои дека основач на ‘Економија’ е РМ. Првпат кај неа бевме на 19 април 2018 година. Чачарова ми испрати службено писмо и рече дека не смееме да извршуваме затоа што во овој момент сопственик е РМ“, вели Арсиќ.
Директорот на Катастар, Борис Туџев, е на одмор, па не добивме одговор кој побарал имотот од приватна фирма што е должник да биде префрлен на Влада на РМ.
Во решението на судот за префрлање на имотот стои дека треба да се запише хипотека, а, пак, доколку државната „Економија“ го отуѓи имотот на трето лице, тогаш тоа ќе треба да ги плати и долговите кон кумановската фирма. Тука се вмешала посебната советничка на премиерот Зоран Заев, Тања Чачарова-Илиевска. Таа побарала дуќаните на „Економија“ да бидат запишани како имот на РМ, а не на „Економија“, но ги изоставиле долговите кон „Кридеа“. Со тоа кумановската фирма го изгубила и последниот начин за наплата на долгот.
Посебната советничка во Кабинетот на Заев, Тања Чачарова-Илиевска, за „Макфакс“ не објасни зошто и како преку ноќ се менувал сопственикот на имотот, но рече дека бара решение за проблемот.
„Владата го знае проблемот со долговите на правниот субјект „Економија“ и прави стратегија за решавање на истиот, а со тоа и на случајот со ‘Кридеа’ од Куманово“, вели Чачарова Илиевска.
Додека Владата ја прави стратегијата, доверителите од кумановска „Кридеа“ ќе останат пред Владата. Тие обвинуваат дека во целата приказна се вмешани и судовите, врз основа на чии одлуки се правеле измените во Катастар и оневозможиле наплата на долговите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

