Македонија
(Видео) Советот за безбедност предложи воведување кризна состојба во цела држава
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, ќе побара од Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на државата. Според објаснувањето, тоа ќе значи дека Армијата ќе има можност да им помага на здравствените власти и да дејствува заедно со полицијата. Од друга страна, се отвора и можноста Владата да управува со приватните здравствени установи со цел справување со пандемијата.
„По исцрпната дискусија, во која учествуваа сите членови, донесовме заклучок Советот за безбедност да ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија во времетраење во 30 дена“, рече Пендаровски.
Тој појасни дека кризна состојба веќе има на две македонски граници со цел спречување мигранти и бегалци, каде што полицијата и војската работат заедно.
„Во моментот ние имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци. На тие подрачја полицијата и војската работат заедно. Кога ќе биде декларирана кризна состојба на целата територија, ќе биде овозможена на целата територија на земјата. Армијата веќе им дава поддршка на здравствените институции и полицијата, но во лимитиран обем. Кога ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш Законот за одбраната и Законот за управување со кризите посебно даваат пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред сè, здравствените“, додаде Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев рече дека предлогот за кризна состојба ќе се најде на владина седница најдоцна до утре.
Пендаровски исто така потенцира дека управувањето со приватните здравствени установи не значи нивна национализација.
„Втората важна разлика е што Владата ќе може да управува со ресурсите на државната управа, јавните претпријатија, општините и Градот Скопје, како и со приватните здравствени установи. Не станува збор за национализација на приватните болници, туку за управување со нив во битката со пандемијата, во обем во кој Владата ќе оцени. Приватната сопственост е гарантирана со Уставот и тука не станува збор за менување на сопственоста“, рече Пендаровски.
Воведувањето полициски час не зависи од кризната состојба, рече Пендаровски додавајќи дека за тоа одлучува Владата.
„Воведувањето на кризната состојба на целата територија нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување рестрикции во движењето. Тоа е надлежност на Кризниот штаб и на Владата, како и на Комисијата за заразни болести“, објасни претседателот.
Во донесување на заклучокот да се предложи донесување кризна состојба Пендаровски вели дека учествувале сите членови на Советот за безбедност.
„Министерот Филипче информира за капацитетите и ресурсите што се употребени во здравствениот сектор, реорганизација на болниците, приемот на големиот број заразени лице. Премиерот Заев информира за другите ресори што се насочени кон справување со коронавирусот и сценаријата за наредните денови и недели. Не треба да кажуваме, сите знаеме, дека состојбата со коронавирусот е исклучително сериозна. Тоа што во цела Европа и светот е далеку полоша од пролетниот пик не значи дека не треба да размислуваме евентуално за нови мерки или да ги преиспитуваме постојните за да го ограничиме ширењето на коронавирусот“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

