Македонија
(Видео) „Срамота е што Мицкоски ги моли коалиционите партнери за гласови за Силјановска“, кажа Пендаровски во Маврово

На средбата со граѓаните на општина Маврово-Ростуше, кандидатот за претседател Стево Пендаровски се осврна на случувањата меѓу двата круга од претседателските избори и барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ гласовите од другите кандидати да се префрлат кон кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.
„Од денешните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ гледаме дека тој отишол да моли кај другите партии со кои наводно веќе има направено договор за влада, тие да му ги префрлат гласовите за противкандидатката. Поголемо понижување на македонските гласачи немаме видено одамна. Ако ги делиш ресорите и власта пред да ја освоиш, ти си политички манипулант. Нека решат граѓаните и вечерта на осми и ако ти ја имаш власта, повели, терај ја понатаму државата. Но во меѓувреме, несигурен во тоа што го нудиш како политички концепт, да бараш од другите помош и поддршка, затоа што знаеш дека твојот кандидат, можеби нема да може да ја истера целата работа сам, е нечесно кон целиот народ и сите македонски граѓани. Јас тоа не го правам, не го правев ни пред 24 април, нема да го правам ниту до осми мај. Ќе го чекаме вечерта на осми мај судот на македонските граѓани, како ќе речат тие, така ќе биде. Но јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква – шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред“, порача Пендаровски.
Тој посочи дека очекува огромен дел од гласовите од петте кандидати кои испаднаа од првиот круг на осми мај да дадат поддршка на бројот еден.
„Во вториот круг почнуваме од нула и тука навистина имаме голема шанса на крај да излеземе и како победници. Петте кандидати кои отпаднаа вкупно собраа 330.000 гласови. Јавно, гласно и јасно кажувам дека од тие 330.000 гласови, најголем дел, огромно мнозинство се блиски до ова што ние го пропагираме, застапуваме и кажуваме години наназад. Нашата притивкандидатка во вториот круг има сосем други замисли за Македонија, која мисли дека Македонија треба да се враќа назад и во тоа е сериозно поддржана од партискиот лидер кој ја поддржа како негов личен избор“, порача Пендаровски, повикувајќи на осми мај да се заокружи бројот 1 како единствена гаранција дека државата ќе продолжи по исправниот пат и нема да се врати назад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно и топло со сончеви периоди, попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со умерен југозападен ветер. Под влијание на нов влажен бран во деновите од викендот ќе има врнежи од дожд, локално во форма на невреме со пообилен дожд (над 30л/м2), проследен со грмежи и засилен ветер. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Tрајко Славески е предлогот на Сиљановска-Давкова за гувернер на Народна банка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка.
Од нејзиниот кабинет велат дека при носењето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
Се додава и дека изборот бил тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати.
Трајко Славески е актуелен претседавач со Советот на Град Скопје.
Македонија
Реновирани спортските капацитети на полициското одморалиште во Пониква

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, денеска во одморалиштето на МВР во Пониква ги пуштија во употреба реновираните спортски капацитети наменети за вежбовни активности на полициските службеници.
„Со министерството за спорт неодамна потпишавме Меморандум за соработка со кој ќе ги надградиме, реновираме и унапредиме поголемиот дел од спортските капацитети на министерството за внатрешни работи. Вложувањето во капацитетите на кои се обучуваат полициските службеници е влог во стабилноста и безбедноста на државата.
Во рок од месец дена беше поставена основа за фудбалско игралиште и фитнес зона со монтирање на сите реквизити. Игралиштата за фудбал, кошарка и одбојка се опремија со полипропиленски подови, обележени и со нови реквизити. Истите добија и трибини од по 2 реда за следење на натпреварите. Покажуваме дека преку добро планирање и соработка помеѓу институциите, јасна визија и одлучност, може да се изградат услови кои ги задоволуваат современите полициски потреби“, истакна министерот Тошковски.
Во меѓувреме преку оваа соработка на двете министерства се работи на реновирање на спортските капацитети на Центарот за обука на МВР во Идризово каде се создаваат и унапредуваат сите полициски човечки капацитети.