Македонија
(Видео) Стоилковски: Ангелов купува телефони и мебел, а нема пари за соодветна ПП-заштита

Според некои од документите што ги поседуваме, со потпис на Стојанче Ангелов само годинава се потрошени 200.000 евра со измени на планот за јавни набавки на ЦУК за мебел, телефони и луксузи, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
„Стојанче Ангелов додал над 1.000.000 денари за мобилен телефон со измена на годишниот план за јавни набавки на ЦУК. Според овој документ, од 7 април годинава Стојанче Ангелов потпишал 2.700.000 денари за канцелариски мебел и компјутери. Над еден милион за купување канцелариски мебел и еден милион и 700.000 за информатичка опрема. Сервисирањето на ‘канадерите’, единствените средства за навремено справување со огнена стихија во шума, во планина, каква што ја зафати Македонија, чинело 400.000 евра. Ама тоа било скапо. За телефоните и фотелјите на Стојанче не е скапо, за ‘канадерите’ е скапо“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Зоран Заев го награди Стојанче Ангелов затоа што цела Македонија, како што рече, е доведена во опасност.
„Стојанче е награден затоа што Македонија е изложена на потсмев во светот поради несервисирани ‘канадери’, ПП-возила од пред цел век, поради почеток на акција цели три дена по информациите дека има шумски пожар! Ангелов купува телефони и мебел, а се нема пари за соодветна ПП-заштита. Но, Стојанче смета дека не е одговорен и не било негова надлежност, а Зоран Заев го унапредува! По сѐ изгледа, работата на Стојанче Ангелов е да зема плата од буџетот за да се фотографира, да го фали Заев и да се луксузира во канцеларии со нов мебел и опрема додека Македонија се пеплосува“, нагласи Стоилковски.
Додаде дека Зоран Заев за директор на ЦУК избра, како што вели, нестабилен, несериозен и човек без елементарни познавања за функцијата на која е поставен.
„Едноставно, Стојанче Ангелов нема чувство за одговорност! И со изборот на Заев на Стојанче Ангелов граѓаните во Македонија се доведени во опасност. И сѐ што се случувало досега и што ќе се случува понатаму не е одговорност само на Стојанче Ангелов, туку и директно на Зоран Заев“, нагласи Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.