Македонија
(Видео) Стоилковски: Директорка на ЈП од СДСМ распишала тендер за мала хидроцентрала среде избори

Директорот на ТЕЦ „Неготино“ и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ од Неготино, преку својата семејна фирма „ХЕМ алијанс“, чиј сопственик е татко му, а управител сопругата, во нетранспарентна постапка за јавна набавка, со низа пропусти и недоследности, успеал да добие тендер за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување „Лукар“ преку јавно-приватно партнерство со ЈП „Комуналец Неготино“, објави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Тендер на ЈП ‘Комуналец’, чија директорка е Марина Бојаџиева, бил распишан и објавен на првиот ден од изборната кампања за локалните избори во 2021 година, односно на 27.9.2021 година, што е во спротивност со Изборниот законик, кој децидно вели дека за време на кампања забрането е објавување тендери од страна на јавни институции.
Небојша Стојановиќ, користејќи го моментот кога целото внимание на јавноста е насочено кон изборите, од позиција на директор на ТЕЦ „Неготино“ и висок функционер на СДСМ, веројатно се потпрел на своето партиско и политичко влијание за објавување тендер во своја полза. И на тој тендер е и единствен понудувач!
Директорката на ЈП „Комуналец“ од Неготино, Марина Бојаџиева, иако била пристигната само една понуда на овој тендер, не го искористила своето законско право да го поништи тендерот. Среќниот добитник за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување „Лукар“ е директорот на ТЕЦ „Неготино“ и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ“, изјави Стоилковски.
Тој порача дека институциите мора да реагираат, а како што рече директорката на ЈП „Комуналец“ од Неготино, Марина Бојаџиева, мора да одговори: Зошто тендерот е објавен на првиот ден од предизборната кампања? Дали за предметот на јавна набавка е изработен елаборат за животна средина како законска обврска? Дали е спроведена јавна расправа и колку граѓаните биле запознаени со намерата за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување „Лукар“? Дали формираната Комисија за евалуација на понудите ги исполнила законските критериуми? Дали во годишниот план за јавни набавки на ЈП „Комуналец“ била предвидена ваква крупна јавна набавка?
„Повеќе од очигледно е дека се работи за типична манипулација на СДСМ и користење партиски и политички влијанија за лична корист. Институциите мора да реагираат, во спротивно одобруваат незаконско работење, тендери и партиски злоупотреби за лични цели“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МЗШВ: Се воведува забрана за извоз на семе од сончоглед

На денешната владина седница, Владата на Република Северна Македонија ја усвои одлуката за воведувањето на забрана за извоз на семе од сончоглед.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Минстерството за економија, доставија Одлука за дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки, со која предложија до Владата на Република Северна Македонија ограничување на извозот на нова тарифна ознака 1206 00- семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени. Рокот на примена на овој тарифен број ќе продолжи да важи до 31 декември 2022 година, како што е уредено во Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки (,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр. 166/22), со број 41-5943/1 од 20 јули 2022.
Причината за дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки со тарифната ознака 1206 00- семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени е да се овозможи по завршување на жетвата која треба да започне во втората половина на август, најпрво да се снабди домашниот пазар односно домашните капацитети на производство на масло од сончоглед за јадење.
Во изминатиот период во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа одржани состаноци со производители и откупувачи на сончоглед при што беше заклучено дека во државата има доволни количини и финансиски средства за откуп на сончогледот од регистрираните откупни претпријатија. Во 2022 година очекуваме производство на 11.800 тони сончоглед и имаме доволни количини за покривање на 2 месеци од домашните потреби.
Со цел поддршка на производството на сончоглед, МЗШВ креираше неколку мерки.
За прв пат оваа година преку интервентната програма се обезбеди финансиска поддршка за вештачко ѓубриво за сончоглед и тоа 40% од цената или 2.500 денари по хектар како дополнителна мерка на основната финансиска поддршка по 11.000 денари на хектар без користење на сертифициран семенски материјал и по 15.000 денари на хектар со користење на сертифициран семенски материјал.
Исто така, воведена е дополнителна мерка за произведен и предаден сончоглед со минимум 1.500 кг/ха во регистрирано откупно претпријатие, во износ од 5.760 ден/ха.
Целта на овие мерки е домашното производство да се предаде на домашните откупни претпријатија и тоа ќе се реализира со оглед дека кај производството на сончоглед од оваа година стартуваше договорно производство.
Македонија
(Видео) СДСМ: Во време на криза градоначалникот на Ѓорче Петров троши 600.000 евра за партиски вработувања

„Поминаа 10 месеци откако Стојкоски седна во градоначалничката фотелја. 10 месеци неспособност и партиски интереси наместо развој на општината и решавање на проблемите на ѓорчепетровци. Овде имам два документи кои покажуваат дека ДПМНЕ и Александар Стојкоски имаат две лица, едно за во опозиција и друго кога се на власт“ изјави Кристијан Јовановски, претседател на ОО СДСМ Ѓорче Петров.
Тој посочи дека градоначалникот Стојкоски „ги задолжи жителите на општина Ѓорче Петров за нови 600.000 евра со одлуката за 7 нови партиски вработувања“.
„За ДПМНЕ и Стојкоски кога се во опозиција општината е презадолжена и превработена,
а кога ќе дојдат на власт, уште во првата година ја заглавуваат општината со нови кредити и нови партиски вработувања. Градоначалникот Стојкоски е доктор по задолжувања, затоа што како Претседател на Совет и како Градоначалник најмногу ја има задолжено општината“ рече Јовановски.
Македонија
Општина Центар поставува заштитни нанофилтри на сите прозорци во детските градинки

Здравјето и добросостојбата на нашите деца е еден од врвните приоритети во работата на Општина Центар и на градоначалникот Горан Герасимовски. Во таа насока Општина Центар неделава почна со поставување заштитни нанофилтри на прозорците на сите 11 детски градинки под надлежност на Општината.
Досега филтри се поставени на матичниот објект на детската градинка „Кочо Рацин“, на прозорците на објектот „Наум Наумовски-Борче“ од истата градинка, а во текот на наредните денови исти такви филтри ќе се постават и на другите 9 објејкти на општинските детски градинки.
Филтрите имаат цел да дејствуваат против ПМ-честичките и штетните надворешни влијанија, кои се особено изразени во зимскиот период. Со поставувањето на филтрите во голема мера се намалува изложеноста на децата на ПМ 10, ПМ 5 и ПМ 2,5-честичките, воедно спречувајќи го загадувањето на амбиенталниот воздух и на просториите во градинките.
Нанофилтрите се изработени од еколошки и биоразградливи материјали, не нанесуваат штета на здравјето на децата и вработените и не ја загадуваат животната средина.