Македонија
(Видео) Стоилковски: Зошто министерството брзаше да објави тендер за стерилизација на само еден ден пред стапување на сила на новиот закон за јавни набавки

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција посочи на последната приватизација на СДСМ, за столбот на социјалниот мир и столбот на македонското здравство, услугата за стерилизација на клиниките. Тој рече дека Филипче и Дончев сè уште должат одговори на прашањето, уште кога се објави тендерот на 29 март оваа година, односно последниот кога можеше да се објави тендер по стариот закон.
„За да се дојде до одговорите на прашањата што и тогаш ги поставивме и за да се добие почиста слика во стилот на образложувањата на Ден Дончев ќе се послужам со прашања, со бројки и со компарација на профитите поради којшто овој мега тендер можеби наликува на случајот „Диамед“.
1. Зошто министерството брзаше да објави тендерот за стерилизација на само еден ден пред стапувањето на сила на новиот закон за јавни набавки? Повторувам, на последниот ден по стариот закон се објавува тендер со милионски износи, односно околу 13 милиони евра и времетраење од 15 години, односно до 2034 година.
2. Зошто јавноста не беше и не е известена дека цената за услугите за стерилизација ќе биде зголемена од досегашните 422 денари, односно 6.8 евра, на неверојатни 150 евра? Дали директорите на хируршките клиники посочиле на проблемите со коишто ќе се соочат кога ќе почнат да пристигаат астрономските цени и фактури од лукративниот бизнис. Како тогаш ќе функционира и така задолженото македонско здравство и така задолжените клиники. Ќе имаме ли ново зголемување на даноците за да можеме да ја преживееме и оваа приватизација од СДСМ.
3. Зошто македонската јавност не е известена дека на годишно ниво трошокот за стерилизација ќе порасне на неверојатни 13 милиони евра?
4. Зошто сè уште претставува државна тајна физибилити студијата за еден ваков суштински проект и дали се вистински информациите дека истата е изведена користејќи податоци само од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и дали со ова се всадуваат нови непредвидени трошоци и анекси во веќе и така астрономски висок проект?
5. Бидејќи постојано слушавме за мистериозната структура на сопственост во „Диамед“, сега прашуваме: Дали Филипче и Дончев знаат кој е вистинскиот сопственик на компанијата „ДИАЕВИТА“ која учествуваше на тендерот, знаејќи дека структурата е составена од фирми од Албанија, Косово, Италија, Турција, Холандија итн.? Знаат ли кој се крие зад мрежите од фирми и удели и дали знаат дека оваа компанија е веќе под истрага во Албанија. Го прашуваме господинот Дончев со цел да ги извести домашните власти исто онака како што ги извести сопствениците на „Диамед“ од Шведска пред потпишување на договорот.
6. Дали е вистина дека несудениот ЦАР НА РЕАГЕНСИТЕ е повторно во игра и за овој бизнис иако нема буквално никакво искуство, предзнаење или, пак, допирна точка со овој бизнис?
7. Зошто беа поставени такви тендерски услови коишто може да ги исполни само една компанија во светот – компанијата што аплицираше „Евита“ Албанија?
8. Дали Дончев и Филипче се свесни дека со еден ваков ексклузивен договор каде што се монополизира апсолутно целата стерилизација, потрошен материјал и инструменти за период од 15 години е спротивен на ЕУ-регулативи. Дали со ова се обврзуваат клиниките нивните и така мали буџети да бидат испразнети до крај од мистериозни странски компании?
Потребни се одговори на овие десетина прашања, пациентите очекуваат одговори, сè помалиот број на медицински персонал и доктори во македонските клиники очекуваат одговори, очекуваат одговори сета јавност. Одговори и одговорност од Венко Филипче и од Ден Дончев“, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.