Македонија
(Видео) Стоилковски: Лебот поскапува поради лошите мерки и недостигот на квалификувана работна сила
Лебот поскапе, а власта се прави слепа дека не го гледа тоа. Основниот прехранбен продукт поскапува 20 проценти поради неодговорноста и незаинтересираноста на оваа црна власт. Тоа што власта за една намена е неспособна да се справи со реалните проблеми, тоа што оваа црна власт не знае што да преземе во економијата, во земјоделството, со инвестициите, го плаќа народот, обвини Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„На оваа криминогена власт ѝ се одмотува спиралата на поскапувања. Цените на лебот во секоја држава се најстабилни и ја отсликуваат состојбата на земјоделството и економијата воопшто. Лебот поскапува поради лошите мерки, недостиг на квалификувана работна сила, зголемување на цената на пченицата во последните месеци, и тоа 40 отсто, поскапување на енергенсите.
Зелената нафта што ја ветија ја нема, а цената на горивото за механизацијата од 37 денари поскапе на 69 денари за литар. Цената на пченицата се формира врз основа на цените пред жетвата, а годинава пред жетвата на пазарот беа пуштени огромни количества пченица за цена од 7 до 8 денари, како и увезено брашно од Србија и Косово и цената за македонските производители остана депласирана.
Црно правило е дека кога поскапува брашното, кога поскапува лебот, почнува да врти инфланторното тркало на поскапувања на целата храна. Министерството не треба да реагира отпосле, туку да превенира. Доколку знае како.
ВМРО- ДПМНЕ во јули укажуваше на опасност од колапс и поскапување поради неодговорноста на власта. Апелиравме на покачување на откупната цена на пченицата, со што парите ќе останеа кај домашните производители и преработувачите, а тоа ќе создадеше и стабилност на пазарот со откупувања на сите произведени количини. Наместо тоа, македонската пченица завршуваше на странски пазари. Укажавме дека поради неатрактивност и неисплатливост на производство на пченица, значително ќе се намалат површините под сеидба на лебно зрно, што и се случува.
Министерството за земјоделство потфрли во сите ресорни гранки. Ниедно од ветувањата до земјоделците не исполнија. Ветуваа загарантиран откуп, а луѓето во Ресенско ги фрлаа јаболките на буниште. Луѓето во Струмичко ги фрлаа нивните родови на буниште, зелките, сливите во Пијанечко и Малешевијата завршија исто така на буниште. Оризопроизводителите исто така во Кочанско. Праските во Росоман останаа необрани, маката на земјоделецот остана необрана.
Колку подолго ја злоупотребуваат државата со својата неспособност, толку поголема ќе биде цената што сите ние ќе ја плаќаме.
Ги излажаа земјоделците, животот им го загорчеа, трудот им го зацрнеа, народот го осиромашија. Приклучете се на протестите секоја среда пред Владата за што побргу да ѝ го видиме грбот на оваа криминогена и неспособна власт, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

