Македонија
(Видео) Стоилковски: Очајни дезинформации својствени за СДС, следуват тужби за клевета и за фалсификат
СДС бесрамно фалсификува документи. Недостоинствено за владејачка партија е да се служи со црна кампања од ваков најнизок формат. СДС се служи со груби лаги, со фалсификувани документи, со коишто освен што врши недостоинствен напад врз опозицијата, туку во стилот на тоталитарните режими, го нападна јавниот сервис, ги нападна агенциите за мерење на јавното мислење, го спори расположението на граѓаните. Во истата насока ова доаѓа по низа напади врз медиумите затоа што објавувале за криминални и недозволени скандали за владејачки функционери и институции, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Најостро и изрично ги демантираме информациите првично објавени во еден медиум, а потоа истите лаги дополнети од СДС. Не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес, за што се наведува во емисија во функција на фалсификатот на СДС, а потоа прераскажани од СДС.
Фактите се следни:
Прво, потписите коишто би требало да стојат зад имињата на фалсификуваниот документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните потписи.
Второ, имиња и презимиња на фалсификуваниот документ се или неточни или воопшто не постојат такви лица.
Трето, датумот на фалсификуваниот документ е 5 декември 2024 година, осум месеци во иднината. Што значи или се повикуваат на датумот 5 декември 2023 на состанокот на ИК по којшто соопштивме дека Претседателот Христијан Мицкоски ќе го предводи РИШ, или целосно се одлепени од реалноста.
За потсетување, РИШ на ВМРО-ДПМНЕ се формираше во февруари годинава“, напоменува Стоилковски.
Според него, ако за СДС е нормално да имаат погрешни имиња и презимиња, за ВМРО-ДПМНЕ името е светост. Ова, како што велим е и доказ во јавноста за изворот на ваквиот фалсификуван документ, јавно објавен, со лажни потписи.
„Ова се очајни дезинформации својствени на СДС, со напади со фалсификати и напади врз агенции и медиуми да ја дезинформираат јавноста.
Очекувањата од скапо платените советници со црни пари, на пример Асаф Исеин, СДС би требало да покаже поголема самопочит.
Во тој правец, дали ќе ги обвинат и ИРИ и НДИ за лажни анкети и резултати на коишто ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова се во огромна предност пред Стево Пендаровски и СДС?“, прашува тој.
Измина времето кога Димитар Ковачевски како премиер шеретски, како што вели, одговараше за доделување на државно земјиште на сопругата Елена Ковачевска, за едно евро квадрат, или за тоа дека семејната компанија заедно со неговиот кум, додека Ковачевски беше мандатар и заменик министер, фирмата „Пиксел груп“ добивала државна помош.
За ваквите груби лаги од СДС, Стоилковски најави тужба за клевета и тужба за фалсификување на документи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

