Македонија
(Видео) Стоилковски: „Паркинзи“ претворено во штаб на Демократскиот сојуз

ЈП Градски паркинг со години било оставено како штаб на сателитот на СДСМ, Демократски сојуз на Павле Трајанов, истакна на денешната прес-конференција Наум Стоилковски портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денеска повторно ќе се послужам со податоци од свиркачи, коишто точно потврдуваат дека власта е одлепена од реалноста, но и зошто Демократскиот сојуз е верен партнер на СДСМ – ДУИ. Демократскиот сојуз со години на подарок од СДСМ – ДУИ го имаше ЈП ‘Градски паркинг’, јавно претпријатие коешто било претворено во своевиден штаб на Демократскиот сојуз, каде што се вработувале и се користеле привилегии, но и се тргувало со влијание“, рече тој.
„Ова ЈП со пари од граѓаните ги вдомило речиси цело претседателство на Демократскиот сојуз, нивните роднини, деца, брачни партнери, па и внуци и други роднини. За почеток, Владимир Кроневски, најчесто споменуваното име при аферата ‘бесплатен паркинг за функционери од власта’: Кроневски е помошник директор, а е член на претседателството на Демократскиот сојуз. Таму е вработена сопругата на Кроневски, Катерина, како самостоен референт. Кумот на Кроневски, Дејан Лазаревски, советник од СДСМ во Карпош, и е вработен како стручен соработник. Кумашинката на Владимир Кроневски, Наташа, е вработена исто така во Градски паркинг“, информира Стоилковски.
Според него, не останал покус ниту Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз .
„Раководител на внатрешна контрола- роднина на Павле Трајанов- Даниел Ефтимов. Стручен соработник за планирање, Ѓорѓи, братот на Даниел, воедно роднина на Трајанов. Славчо Јованов, помлад референт, роднина на Павле Трајанов. Петар Василов, кумашин на Павле Трајанов. Филип Антовски, близок соработник на Павле Трајанов. И секако Славче Јовановски, уште едно име од списокот за повластени неплаќачи на паркинг, односно луѓе коишто овозможувале функционери од власта да паркираат. Листата е долга, листата на вработени високи функционери и роднини на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, исто како што е долга и листата на неплаќачи, повластени за паркирање во Скопје“, кажа Стоилковски.
Смета дека демократскиот сојуз на Павле Трајанов, годините верност на СДСМ, како што дополни, ги наплатува од паркирање, од буџет, а ЈП ‘Градски паркинг’ го претвориле во своевиден партиски штаб, со привилегии за телефони, службени возила, трговија со влијание.
Ова, посочи Стоилковски, е веројатно најголемата причина што Павле Трајанов и Демократскиот сојуз сè уште се нем приврзок на СДСМ и ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.