Македонија
(Видео) Стоилковски: Полиција во дом на пратеник е притисок од Заев на ден на гласање недоверба на Влада

Режимот паѓа онака како што и владееше, недостојно и недостоинствено, со многу криминал и злоупотреби на институциите, истакна на денешната прес конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Вели дека токму на денот кога се гласа недоверба на владата, режимот на Зоран Заев прави притисок врз опозициски пратеници и пушта полиција за претрес во домот на пратеникот којшто престојува со своите родители!
„Токму во очи на гласањето, финансиска полиција влегува во домот на родителите на Јован Јаулески, дом во којшто и тој престојува, во 5 часот наутро да врши претрес, да вознемирува, одзема телефони и што ли уште не! Притисокот, полициска бруталност, судски налози, ливчиња и политички нарачани налози за дом на пратеник токму денеска кога се гласа недоверба на владата на овој режим на Зоран Заев! Влетува финансиска полиција на Арафат Муарем, партиски војник којшто одработуваше и за време на изборите во корист на режимот. Токму од сите денови, токму денеска, Зоран Заев, Оливер Спасовски и Арафат Муареми испратија полиција во дом на пратеник на опозицијата! Целта не бил пратеник, целта бил негов родител, којшто и ова ќе додадам, не е приватен стопанственик, не е трговец поединец“, потенцира Стоилковски.
Додаде дека Арафат Муареми, Оливер Спасовски, Обвинителството, денес, како што смета, не работат да најдат кој тоа предизвика енергетски колапс и економска штета на државата – Арафат Муарем, Оливер Спасовски, Обвинителите и судот праќаат полиција во дом на пратеници!
„Ништо нема да го спаси режимот. Зоран Заев, Оливер Спасовски, Арафат Муарем и другите сателити на криминалот и корупцијата, сателити на срамот на државата, за 12 часа ќе се минато!“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.