Македонија
(Видео) Стоилковски: Со инает и невистини не се води Скопје, судот спротивно на Арсовска констатира долг кон приватниците и пресуди затезни камати
Со инает и лажење не се води Град Скопје. Имаше негирање за долг на ЈСП кон приватните превозници за потоа, по поднесената тужба, долгот да се плати, а потоа со судска пресуда да се констатира и долг за затезни камати и судски трошоци, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Прво, Данела Арсовска тврдеше дека нема долг кон приватните превозници. По поднесена тужба од нив, со скриен договор, го исплаќа долгот, за во судскиот документ да се пресуди и потреба дополнително исплаќање затезни камати, казни и судски трошоци цели еден и пол милион денари“, вели тој.
Во судската пресуда, според него, се констатира долг на ЈСП над еден милион евра кон приватните превозници и дека тој долг Данела Арсовска на рати го исплаќала кон приватниците.
„Со тоа директно се побиваат тезата и ставот на Данела Арсовска дека не постои долг кон приватните превозници, што доведе до протести, блокирање на Скопје, нарушување на јавниот превоз, долгорочни проблеми со возниот ред, секако дополнително финансиско оптоварување на буџетот на ЈСП и на Град Скопје, кој одвојува пари за функционирање на ЈСП.
Оттука, Данела Арсовска мора да одговори зошто не го признаваше долгот кон приватниците?
Зошто во јавноста предизвикуваше дополнителен револт и ескалација на протестот со долгорочни блокади на град Скопје?
Зошто при исплата на долгот оставила простор за дополнителни високи затезни камати, казни и судски трошоци?
Дали зад овие исплати можеби се крие нечија лукративност на штета на буџетот?
Дали сето ова можеше да се избегне, протести, блокади, напуштање на приватниот превоз и исплата на казни, ако не постоеше инаетење, негирање и лажење дека не постои долг, но и уште колку пресуди се потреби за да се констатираат ставови водени од инает и невистини, со кои Данела Арсовска го води Град Скопје?“, прашува Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

