Македонија
(Видео) Стоилковски: Универзална сала на Шилегов не работи, а изнајмува опрема за над 100.000 евра!?
Пет години во Скопје Универзалната сала е затворена, 5 години нема никакви случувања, ама тоа не значи дека Петре Шилегов и неговиот пријател Филип Аврамчев, поставен од Шилегов за директор на Универзалната сала, не виделе добра шанса за нелогични трошења во овие години, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„ Имено, Универзалната сала 5 години е затворена и пропаѓа. Нема ниедно случување, а со години внимавајте изнајмува, плаќа рентање на опрема за настани, во вредност од над 100.000 евра!? A, притоа, внимавајте, се купува опрема за звук и светло, за 6.500 евра!
Во 2019-тата година Универзалната сала на Шилегов, внимавајте, дава 52.381 евро за „Техничка поддршка и наем на техничка опрема за озвучување и осветлување на настани во организација Универзалната сала“. Односно ИЗНАЈМУВА опрема, плаќа над 52 илјади евра за опрема, за светло и озвучување, иако нема сала Универзалната сала е затворена и нема настани!?
Истото се повторува и во 2021 година. Повторно тендер за изнајмување. За „Техничка поддршка и наем за озвучување и осветлување“ и се даваат 50.400 евра! Оваа 2021 година, сала нема, нема каде и што да се озвучува и да се осветлува. А, притоа, потсетувам постои опрема, а во 2018-тата и е докупена опрема за 6.500 евра!“ рече Стоилковски.
Тој додаде дека тие договори ги добивала компанија којашто според познавачите е позната и блиска на Петре Шилегов, а тој треба да каже дали тоа е основот за Универзалната сала да мора да изнајмува опрема иако е затворена и нема услови и нема каде да организира настани!?
„ Во две години, 2019-та и 2020-та година, има склучени 4 договори на Универзалната сала за маркетинг и рекламирање сите платени по 23.000 евра или вкупно над 92.000 евра! 92.000 евра за реклами на Универзалната сала, а Универзална сала е затворена и нема настани! Што е тоа што е рекламирано за настан во Универзална сала што чини 92.000 евра платени за услуги од маркетинг агенции?
Значи да повторам нема настани, 100.000 евра се дадени за изнајмување за опрема за звук и светло иако Универзална сала е затворена и не работи. Нема настани, ништо не се случува, Универзална сала е затворена, а мора да одговорат што е тоа што рекламирале во две години за 92.000 евра“ нагласи Стоилковски.
Според него, Универзалната сала е непресушен извор и за луксузи. Како што вели, над 18.000 евра за три години биле дадени за резервации на авионски карти за Универзална сала. Следат трошоци за хотели, ресторански услуги, рентакар, храна, пијалоци, мобилни телефони, севкупно 65.000 евра за три години, обвини Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

