Македонија
(Видео) Стојаноска: Еден денар за спортот и еден денар за културата од акцизите за нафта
Носителот на изборна единица 6, Дафина Стојаноска, ја посети општината Гостивар и порача дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе зпочне реализација на проектот еден денар за спортот и еден денар за културата од акцизите за нафта и нафтени деривати.
„Денешнава претпладневна агенда ја почнавме со организација на Унијата на жени на Гостивар и учествувавме во еден спортски марш. На овој марш жените на Гостивар дадоа поддршка за спортот и за младите. ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ‘Обнова’ се обврзува дека ќе издвојува еден денар за спортот и еден денар за културата од акцизите за нафта и нафтени деривати“, истакна Стојаноска.
Таа додаде дека тоа се оние акцизи коишто СДСМ за само три години владеење дури двапати ги покачи.
„Го трчаме последниот круг од нашиот марш до победата. И секој ден сме сè побројни и сè погласни, обновата доаѓа. ВМРО-ДПМНЕ победува“, порача Стојаноска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина, порача Мицкоски за 8 Септември
„Денес се одбележува најголемиот светилник на постоењето на македонската држава, финалниот чин по повеќестолетната борба за слобода и независност или што би се рекло денот над деновите – 8 Септември, празникот на нашата независност“, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својата Фејсбук страница по повод Денот на независноста.
„На овој ден за прв пат се слушнаа зборовите: Да ви ја честитам суверена и слободна Република Македонија, на плоштадот Македонија каде се прославуваше независноста. Воедно да не заборавиме дека 8 септември е стремежот на илјадници претходно борци за слободна и своја држава. Тогаш се градеа темелите на Републиката и создаваа институции, но и денес имаме битки кои мора да ги победиме, заеднички, поинакви, иако поинакви сепак подеднакво важни“, додаде Мицкоски.
Мора да се победи разочарувањето, додава Мицкоски, кое ни го оставија и криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми против кои се бориме. Секој атом од силите да го вложиме во градба на иднина каква заслужува секој еден човек.
„Овој пат државата е на потег и нејзе ја враќаме на народот. Да создадеме земја на среќни граѓани и силна економија. Општество кое ќе одговара на реалните потреби и ќе нуди реални решенија. Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина. Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни. Ова е нашата заедничка битка и заедно се бориме и заедно ќе успееме! Нека е честит и вековит денот на независноста. Бог да ја благослови Македонија!“, вели премиерот во честитката по повод Денот на независноста.
Македонија
Во текот на вчерашниот ден 38 пожари на отворено, активни се уште три
Центарот за управување со кризи информира дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 38 пожари на отворен простор, од кои активни се 3, под контрола се 4 и изгаснати се 31 пожар.
Според информациите на ЦУК, активни се пожарите во Општина Петровец, кај селата Градманци, Брезница и Катланово каде што гори нискостеблeста шума, во Општина Кичево во селото Арангел каде што гори деградирана шума и во Општина Демир Хисар во селото Сопотница.
Под контрола се пожарите во Општина Прилеп кај селата Пештани, Кокре, Кален, Дуње, Бонче, Лениште, Веловодица, Смолани и Дрен, како и кај м.в. Дервен. Во Општина Долнени, кај село Десово, пожарот е исто така под контрола.
Изгаснати се пожарите во општините Чашка, Чучер-Сандево, Гази, Бутел, Сарај, Штип, Делчево, Крушево, Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Виница, Брвеница, Теарце, Гостивар, Валандово, Македонски Брод, Битола, Демир Хисар, Охрид, Струга и Дебар.
Македонија
Силјановска-Давкова по повод 8 Септември: Наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме
Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста, во која посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-На 8 септември 1991 година, македонските граѓани, користејќи го правото на самоопределување, ја изразија својата волја и во огромен број го дадоа својот глас за суверена и самостојна македонска република. Освен на референдумското ливче, таа волја беше изразена и преку озарените лица на илјадниците граѓани спонтано собрани на плоштадот „Македонија“, каде што со голем ентузијазам и надеж за иднината ѝ се радуваа на независноста, стои во честитката.
Со тој чин, додава претседателката, тие, ние, македонските граѓани, на мудар, демократски и мирољубив начин, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, ја напуштивме федерацијата што се распаѓаше и зачекоривме во новата етапа на македонската државност.
-Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја превзедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Триесет и три години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите, нагласува Силјановска Давкова во честитката.
Таа натаму посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите, наведува претседателката во честитката.
Истакнува дека само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина.