Македонија
(Видео) Стојаноска: Со поставување на Кацарска за уставен судија, ќе продолжи мешањето на власта во судската власт
Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната собраниска седница нагласи дека власта продолжува да се меша во судската власт преку поставување на Кацарска за уставен судија. Тоа не треба да се случи, не треба Кацарска да стане уставен судија.
„На дневен ред ја имаме точката предлог за избор на судија на Уставен суд на Република Македонија. Предлогот е никој друг, туку Добрила Кацарска. Јас за почеток ќе го цитирам ставот 1 членот 16 на Уставот, кој гласи: ‘Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата’. Ставот 4 од членот 109 на Уставот, кој гласи: ‘Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници’. Исто така, во ставот 1 алинеја 3 од членот 110 од Уставот се вели: ‘Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност’. Да потсетам и на последниот извештај од ЕК, во кој се вели дека Република Македонија, односно судскиот систем во неа, е умерено подготвен или има одредено ниво на подготовка“, истакна Стојаноска.
Стојаноска додаде дека во истиот извештај од ЕК се вели дека Република Македонија треба да обезбеди решителна и доследна употреба на механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот, судир на интереси и дисциплински постапки.
„Наспроти ова, во известувањето од Судскиот совет за изборот на кандидат за судија на Уставен суд да биде Кацарска, меѓу другото, стои: ‘Во текот на извршувањето на судиската функција судијата Добрила Кацарска со своето несебично залагање, агилност и посветеност успешно ја извршува судиската функција и покажала позитивни резултати во работењето’. Контрадикторностите и противречностите меѓу Уставот и препораките на ЕК, од една страна, и постапувањето на Судскиот совет и власта, од друга, се повеќе од очигледни. Во прилог на ова ја споменувам и одлуката на Уставниот суд од 29 мај 2019, со која оцени дека судијката Кацарска извршила повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата утврдени во членот 110 алинеја 3, а гарантирана во членот 16 од Уставот и содржана во членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, која со закон е ратификувана во Македонија“, рече Стојаноска.
Стојаноска посочи дека таа одлука се однесуваше на случајот кога судијката Кацарска казни педесетина адвокати по 1.000 евра, кои застапуваат 33 обвинети, замислете – за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста за време на 27 април.
„Кацарска има вршено влијание врз судии во носењето одлуки во други случаи за што сведочеше јавната обвинителка Стефанова. Истата таа Кацарска беше изземена од одлучување за пресудата на Заев во случајот ‘Поткуп’. Имено, т.н. независно судство на Заев го промени обвинението на последното рочиште изземајќи ги од доказниот материјал снимките што беа доказ за поткупот и така казната на Заев се намали, па немаше потреба да му суди судечки совет, туку еден судија. Кацарска ова го искористи за да не мора ниту условно да го осуди Заев и му го препушти на свој колега“, потсети Стојаноска.
Стојаноска рече дека ја укинала и гаранцијата на Лазаров, при што го вратија во Шуто Оризари. „Не смее да се пропушти да се спомене и максималното интензивирање на динамиката на судските рочишта токму во деветтиот месец од бременоста на Гордана Јанкуловска и во првите месеци по нејзиното породување, што исто така го направи Кацарска“, рече Стојаноска.
Таа додаде дека со поставувањето на Кацарска за уставен судија ќе продолжи мешањето на власта во судската власт. Зоран Заев продолжува на дрзок и манипулативен начин да си ги наградува своите судии, кои извршуваат во негово име.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.

