Македонија
(Видео) Стојаноски: Коруптивни шеми на Ковачевски и Груби, надзорот на Коридорите 8 и 10 д се плаќа и до седумпати поскапо
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/03/bojan23032023.jpg)
Продолжуваат да испливуваат на површина голем број нерегуларности и недоследности со надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10 д. Ковачевски и Груби успеаја да компромитираат огромен проект за изградба на патни коридори, истакнува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Според најновите информации што ги објавија медиумите, ‘Електра солушн’, преку која ќе поминат најмногу пари од договорот за надзор, 8,3 милиони евра, има само четворица вработени ангажирани на проектот и ги вработила на 20.10.2022 година, т.е. по добивањето на лиценцата за надзор.
Се поставува прашањето како тогаш „Електра солушн“ ги исполнила условите за издавање лиценца за надзор и дали само привремено вработила лица за да добие лиценца, а потоа истите тие лица не ги ангажира на проектот?
Како што истакна Стојаноски, дополнително симптоматично е што на фирмите членки на конзорциумот им фалат клучни документи во договорот за надзор за 23 експерти за кои нема доказ дека работат или се ангажирани од една од фирмите. За сите овие лица „Електра солушн“, „Евроконсалтинг“, ИРД и „Ептиса“ ќе наплатат огромни суми пари, кои се неколкукратно повеќе од сумите наплаќани за надзор на други проекти.
Тој додава дека според податоците што се објавени, може да се забележи дека главен надзорен инженер за автопатот Скопје – Блаце е буџетиран на 2.900 евра месечно, а за надзорот на коридорите 8 и 10 д за истата позиција предвидени се седумпати повеќе, односно 20.000 евра месечно.
Услугата за еден геометар на надзорот на автопатот Скопје – Блаце чини 1.300 евра месечно, а за надзорот над коридорите 8 и 10 д е 5.600 евра месечно. Надзорен инженер за животна средина за надзор на автопатот Кичево – Охрид е тарифиран 5.450 евра месечно, а за коридорите 8 и 10 д – 9.000 евра.
Мора да напоменеме дека парите што се предвидени за одреден кадар не се слеваат кај работниците, туку кај фирмите, а тие исплаќаат дел од сумата на име плата или договор за дело, a остатокот останува за надзорот. Оттука, се поставува логичното прашање – како надзор на автопати на други проекти е поевтин од 2 до 7 пати од надзорот на коридорите 8 и 10 д?
Имајќи ја предвид оваа пресметка, јасно е зошто „Електра солушн“ вадела лиценца за надзор среде јавен повик, пријавувала и одјавувала работници и правела секакви шеми.
ЈО не смее да чека ниту ден повеќе и веднаш треба да отвори постапка за надзорот. Доволно е да си постават логично прашање како е можна толкава дискрепанција во цените? Одговорот на тоа ќе им ја даде насоката, изјави Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.