Македонија
(Видео) Стојкова-Серафимовска: Власта не е кадарна да го заштити статусот на Охрид во УНЕСКО
На 25 мај оваа година Управата за заштита на културно наследство објави предлог-национална стратегија за заштита и користење на културното наследство (2021-2025) и отвори таканаречена „електронска јавна расправа“ според која требаше да се пополни извесен формулар со забелешки што ќе биде доставен до работното тело. Станува збор за исклучително важен стратешки документ според кој треба да се креираат идните стратегии, планови и проекти во областа на заштитата на културното наследство. Но сепак, повторно сме сведоци на еден нетранспарентен процес на изработка на еден ваков стратешки документ бидејќи со испраќање на формуларот расправата воопшто не е јавна, туку е еднонасочна и само навидум транспарентна, истакна Велика Стојкова-Серафимовска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Предлог-националната стратегија уште еднаш ја потврдува неспособноста на оваа Влада, бидејќи работното тело, чии членови не се јавно објавени, самото констатира бројни недостатоци во системот на заштита кои, многу индикативно се истакнуваат токму во последниве четири години во кои владее СДСМ. Оценката вели дека не постои соодветна комуникација помеѓу надлежните институции, нема доволно финансии за заштита на културното наследство, нема доволно соодветни човечки ресурси за извршување на задачите во институциите, самите институции немаат соодветен простор и опрема за работа, како и многу други забелешки, со што уште еднаш се потврдува некадарноста на оваа Влада, поточно на ресорот култура во менаџирање на заштитата и користењето на културното наследство во Македонија“, додаде таа.
Според неа, со предложените мерки и механизми како дел од предлог-националната стратегија може да се заклучи дека тимот кој работел на истата, особено во одредени сегменти покажува, како што рече, банално непознавање на материјата, законите и законските регулативи, правилниците и други подзаконски акти со кои се регулира заштитата на културното наследство.
„Предлог-националната стратегија за заштита на културното наследство е всушност еден несериозен документ кој повторно покажува непочитување кон исклучително богатото движно, недвижно и нематеријално културно наследство во Македонија. Ваквиот однос уште еднаш ја потврдува агендата на оваа влада за обезличување на идентитетските маркери и обележја чиј носител е токму културното наследство“, рече Стојкова Серафимовска.
Потстеи дека т.н. расправа заврши на 21 јуни, а документот повеќе не ѝ е достапен на јавноста.
„Не слушнавме никаква дискусија, па се очекува уште еден несреќен документ кој најверојатно ќе заврши исто како фамозната ‘Национална стратегија за културата (2018-2022)’ на Алаѓозовски, која никако да почне со реализација, иако веќе дојде време за нова стратегија. ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува длабока почит кон културното наследство и неговата функција во општеството и заедниците“, наведе пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Корисниците од село Орман денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација.
За таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.

Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.

