Македонија
(Видео) Талески: СДСМ бара оставка од Тошковски за трагедијата во Кочани
 
																								
												
												
											Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, човекот кој е на чело на системот што требало да спречи ваква катастрофа, не само што не поднесе оставка, туку бега од одговорност како да воопшто не бил тој и неговите началници одговорни на денот на пожарот, истакна на прес-конференција Миле Талески пратеник на СДСМ.
Како што вели, Талески, ако се следи истрагата се добива впечаток дека настанот се случил во некое друго време со некоја друга власт.
„Поминаа точно 30 дена од трагедијата во Кочани, а Тошковски сè уште не најде ниту еден виновен во актуелните началници и службеници на МВР кои биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните. Наместо денес да се жали на Фејсбук како опозицијата го напаѓала, треба да си поднесе оставка како минимум чин на лична одговорност. Пред оставката, треба да ги приведе сите седум началници за кои сите правни експерти во државата јасно кажаа дека имаат директна одговорност за настанот. Додека обични службеници се гонат и носат на распит, додека истрагата веќе стигна и до 2012 година, лицата кои реално имале моќ и обврска да спречат трагедија – остануваат недопирливи.
Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван“.
Ова потенцира Талески е срамно и директен доказ за селективна правда.
Прашува дали има поголем доказ за морален пораз од тоа што советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани поднесе оставка, а министерот не.
„Како е можно политички претставник на локално ниво да покаже повеќе карактер од човек кој води едно од најмоќните министерства? Дури Тошковски измислува некакви алијанси и на празно обвинува, нема никакви алијанси, има само прашања на кои тој не дава одговори“.
СДСМ, подвелкува тој, нема да молчи, и му порачува на Тошковски своите писанија на Фејсбук да си ги чува за себе.
„Ниту ќе нè заплаши, ниту ќе нè замолчи. Ќе продолжиме да ги отвораме овие прашања и ќе инсистираме на целосна, неселективна и независна истрага. Ќе бараме да се истражи и одговорноста на оние кои биле на врвот – затоа што токму тие ја водат полицијата која гледала, знаела, а не направила ништо. Правда за Кочани нема да има додека тие што можеле да спречат трагедија не одговараат. Не само кривично – туку и институционално, и политички. А тоа започнува со оставка на Панче Тошковски“, нагласи Талески.
Додаде дека зко тој не сака да си поднесе оставка, тогаш јавноста ќе му ја побара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Им посакуваме на Филипче и СДС уште многу вакви успеси на избори
 
														Филипче направил одличен резултат на овие избори. И бидејќи е добар резултат го повикуваме да го повтори истиот. И сè додека Заев наредува а Филипче исполнува, СДС е на добар пат да ја повторува оваа состојба. Му честитаме. Не можеше подобро, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„И на крај: им посакуваме уште многу вакви успеси кои се за нив очигледно одлични, но за Македонија за жал се тешко потсетување на реалноста која СДС ја носи со себе“, се наведува во реакцијата на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Волонтери од „За почиста Македонија“ утре ќе го чистат Расадник
 
														Утре, 1 ноември, со почеток во 11:00 часот, „За Почиста Македонија“ организира еко-акција во Расадник, Кисела Вода, со цел расчистување на едно од најголемите, но и најзапоставени зеленила во Скопје.
„Локацијата долги години е оставена без грижа и е преплавена со отпад. Со оваа акција, волонтерите на „За Почиста Македонија“ ќе покажат дека кога институциите не реагираат, постојат свесни и одговорни граѓани кои можат да ја преземат иницијативата во свои раце. Преку тимска работа, позитивна енергија и љубов кон природата, ќе се придонесе кон разубавување на просторот и враќање на неговиот природен сјај“, се вели во најавата на еколошкото друштво.
Акцијата е отворена за сите граѓани кои сакаат да помогнат во создавање на почиста и поздрава средина. Организаторите ќе обезбедат целосна опрема за чистење и логистичка поддршка.
Организаторите велат дека она што ги прави овие акции препознатливи е позитивната атмосфера, исполнета со дружба, музика и нови пријателства. По завршувањето на активностите, учесниците традиционално остануваат на неформално дружење со друштвени игри и неформално дружење во исчистениот простор.
Во изминатите години, „За Почиста Македонија“ има реализирано бројни акции низ целата земја, преку кои се испраќа порака дека секој поединец може да направи вистинска промена.
Македонија
Скопјанец ја малтретирал поранешната девојка – ја влечел пред болница и ѝ се заканувал дека ќе го убие брат ѝ
 
														Скопското Обвинителство поведе постапка против 33-годишен скопјанец осомничен за продолжено загрозување на сигурноста на својата поранешна девојка.
Според обвинителството, мажот речиси цел месец, од 5 до 30 октомври, ја прогонувал и ѝ се заканувал на поранешната партнерка, упатувајќи сериозни закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство. Тој испраќал писмени и гласовни пораки преку социјални мрежи, полни со навреди и закани, а насилството се засилило откако жената го напуштила неговиот дом поради постојан психички притисок.
Последниот инцидент се случил на 30 октомври пред една клиника во Скопје, каде што оштетената се лекувала. Осомничениот се појавил таму, почнал агресивно да се однесува, да ја тегне за рака и да ја присилува да тргне со него, при што ѝ се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат. Од страв и чувство на загрозеност, жената побарала помош.
Поради сериозноста на заканите и повторувањето на делото, јавниот обвинител поднесе предлог до судот за определување мерка притвор за осомничениот.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											